
Од полноќ стапува на сила одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за ново поскапување на горивата за два денари по литар. Рафинериските цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 4,84 отсто.
Малопродажните цени на нафтените деривати согласно Методологијата за формирање на цените, се зголемуваат во просек за 3,00%. Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се зголемуваат за 1,50 ден/лит во однос на цените утврдени со Одлуката од 30.04.2018 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 71,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) изнесува 52,00 ден/лит.
Малопродажната цена на дизелот ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит во однос на цената утврдена со Одлуката од 30.04.2018 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 63,00 ден/лит.
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемува за 2,00 ден/лит во однос на цената утврдена со Одлуката од 30.04.2018 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 73,50 ден/лит.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 2,100 ден/кг во однос на цената утврдена со Одлуката од 30.04.2018 година и со тоа цената на М-1 НС изнесува 32,137 ден/кг.
Регулаторната комисија за енергетика, пред две недели донесе одлука за цените на бензините кои поскапеа за 2 денари. Во однос на цените минатата година ова време, тие се поскапи вкупно за 11 денари.
Ново поскапување на нафтените деривати е диктирано од движењата на цените на светските берзи. Според методологијата на пресметка на РКЕ курсот на доларот и цената на нафтата се главни за одредување на цената на горивата во Македонија.
Во моментов барел нафта на светските берзи се продава за 74,5 долари.