![jovan donev](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2019/06/jovan-donev.jpg?resize=696%2C413&ssl=1)
Додека премиерот Зоран Заев е сигурен за датум во октомври и отворање на преговорите до крајот на годината, сигналите за седумте земји членки на Европската унија кои се противеле на започнувањето на преговори за Македонија, повеќе зборуваат во прилог на тоа дека датумот е неизвесен и во октомври, отколку дека воопшто ќе го добиеме, смета поранешниот македонски амбасадор во Обединетото Кралство, Јован Донев.
Како што рече Донев во разговор за телевизијата Алфа, станува збор за чувствителни периоди за Македонија и мора да се биде внимателен.
„Министерот (за надворешни работи Никола) Димитров сигурно ги знае овие информации, од друга страна (пратеникот на опоиицската ВМРжо-ДПМНЕ, Антонио) Милошоски е сериозен политичар и поранешен министер, кој добива податоци и не верувам дека ќе си дозволи ‘фејк њус’. Едноставно Франција јасно кажа дека нема да дозволи датум за отпочнување на преговори со нови држави оти според нив тоа не треба да биде приорите на ЕУ. Таа идеја Макрон ја кажа во присуство на панскиот претседател. За Данска исто така веќе знаевме, не беше ново“, рече Донев.
Ги коментираше и прашањата дали е реално октомвриското ветување на премиерот, или уште една приказна како оваа со „датум во јуни“, како и зошто Грција во вторникот во Луксембур била воздржана.
„Владата е во оставка. Позицијата на Мицотакис е различна од позицијата на актуелниот премиер во оставка Ципрас, така да грчкото министерство за надворешни работи веројатно проценило дека треба да биде во позиција да биде воздржано. Тоа е едниот аспект, а вториот е дека не ја знаеме до крај заканата и суштината на Кипар, што всушност се случило, оти немаше никаква изјава за тоа во врска со Турција. Не сум сигурен ни дека во октомври ќе добиеме датум, мислам оти тоа беше еден блеф на германската влада, затоа што – колку и треба на една комисија во парламентот во Берлин да прочита еден извештај за Македонија каде што има и мислење на владата“, смета Донев.
Според него, штетата е веќе направена, со тоа што актуелната македонска Влада влезе во преговори, го смени Уставот и името а без ниедна гаранција од ЕУ за прием.
„Едната работа е дека станува збор за наивни луѓе кои немаат појма од надворешна политика, а втората работа е што едноставно се работи за луѓе кои не се заинтересирани за иднината на државата“, нагласува Донев.
Она што е неопходно во моментот е Владата искрено да објасни што се случува, кои земји се против и зошто, но и каде погреши во проценката или чекорите што датумот е под знак прашалник.