Поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Васе Доневски и сопственикот на фирмата „Секјуриком“ се осомничени за местење незаконски тендери за чистење и одржување, информираше Управата за финансиска полиција.
Според директорот на управата, Арафат Муареми фирмата со незаконските дејствија се стекнала со пртивправна имотна корист од над 11 милиони евра, а допрва ќе се утврдува за колкава сума е оштетен државниот буџет.
Кривична за злоупотреба на службената положба и овластувања е поднесена против Доневски, а за В.Г., управител и сопственик на „Секјуриком мултисервис интернационал ДОО Скопје“ се товари за соизвршителство.
-Истрагата траеше три месеци, а Управата за финансиска полиција вчера изврши претрес на неколку локации од каде што е одземена финансиска документација која не била предадена на Управата. Одземени се електронски уреди и едно патничко возило- рече Муареми.
Според него, од истрагата е утврдено дека осомничените склучиле договор на 31 август 2015 година спротивно на член 15 од законот за јавни набавки, со кој „Секјуриком“ се здобил со противправна имотна корист од 660. 834. 855 денари.
-Првопријавениот со пречекорување на своите овластувања иницирал постапка за јавна набавка. За да избегне обврска да побара согласност од Советот за јавни набавки, испратил овластување за огласот за јавна набавка до седум економски оператори. Спорно е тоа што четири од овие економски оператори биле во сопственост на В.Г., додека две друштва претходно соработувале со „Секјуриком мултисервис интернационал“. Од седумте оператори биле добиени седум одговори за заинтересираност, но потоа била поднесена само една понуда од „Секјуриком“- велат од Управата.