По повод Светскиот ден на Брајовото писмо – 4 јануари, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, го посети Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид – „Димитар Влахов”, каде донираше нови наслови напишани со Брајово писмо. Овојпат учениците ќе имаат можност да уживаат во македонски класици, меѓу кои: „Приказни за Зоки Поки“ од Оливера Николова, „Сказна за детето Вилен“ од Глигор Поповски и „Белото циганче“ од Видое Подгорец.
Покрај оваа донација, Ѓорѓиевски ја посети и донираше наслови со Брајово писмо и во библиотеката лоцирана во Домот на културата во Кисела Вода. Оваа иницијатива е дел од заложбите на општината за намалување на маргинализацијата на лицата со оштетен вид и создавање на еднакви можности за нив.
-Од самиот почеток на мојот мандат, воспоставивме традиција секоја година да ја надополнуваме библиотеката на ДУРМДОВ „Димитар Влахов” со книги напишани на Брајово писмо. Овие книги се исклучително скапи и тешко достапни, бидејќи ги нема во слободна продажба. Годинава дониравме три популарни дела од македонски автори, кои ќе го збогатат фондот на библиотеката и ќе овозможат учениците да уживаат во литература која е дел од нашето културно наследство. Брајовото писмо веќе 200 години е „прозорец во светот“ за слепите и слабовидните лица. Затоа, ваквите донации не само што го олеснуваат нивното читање, туку значат и поддршка за нивната едукација, интеграција и личен развој. Дополнително, со нашата донација на вакви книги и во библиотеката во Домот на култура во Кисела Вода, овозможуваме овие книги да бидат достапни и за пошироката заедница, што претставува нов чекор во овозможувањето еднакви можности за сите“, изјави Ѓорѓиевски.
Додаде дека: „Грижата за лицата со намален вид е приоритет во нашата општина. Во Кисела Вода се наоѓа првото целосно инклузивно основно училиште, каде што во дворот се поставени тактилни патеки за нивна полесна ориентација. Тактилни патеки поставивме и во општинската зграда, а натписите се напишани и со Брајова азбука. Сето ова е дел од нашите напори за намалување на маргинализацијата и овозможување еднакви можности за сите жители на Кисела Вода“.
Книгите се во издаваштво на „Алдебаран“ од Струга, единствената издавачка куќа во Македонија што во рамките на својата дејност има сегмент за издавање публикации на Брајово писмо.