Донираните автобуси во ЈСП ќе „остарат“ паркирани, уште чекаат на каско осигурување

[Два месеца поминаа, а сѐ уште стојат гаражирани шесте донирани еколошки автобуси, кои според најавите на церемонијата на примопредавање, требаше за една недела да станат дел од јавниот превоз на Скопје. Кко што стојат работите, автобусите нема да возат по скопските улици најмалку до крајот на месецов.

Во моментов тие сѐ уште не се осигурани, па поради тоа не можат да се пуштат во сообраќај.

ЈСП „Скопје“ објави јавен оглас на кој бара понуди за каско осигурување на шесте возила, кој е во тек и ќе трае до 23 јануари. Дури после тоа ќе се отворат пристигнатите понуди, па следува законскиот период за жалби, што значи автобусите паркирани ќе го дочекаат и февруари, ако дотогаш не се открие дали недостасува уште некој потребен документ пред тие конечно да се пуштат на редовните линии.

Во очекување на понудите од осигурителните компании, од ЈСП вообичаено не се огласуваат да соопштат зошто толку долго се одолговлекува со процедурите. Особено што јавно е познато дека секој нов автобус му е неопходен на претпријатието, во услови кога располага со стар и „проретчен“ возен парк.

Од понеделник учениците се враќаат на училиште, а поминаа и празниците кога масовно се „спојуваа“ неработните денови, па чекањето по автобуските постојки и метежот во автобусите ќе се врати по старо. Кога нема друго, и шесте автобуси ќе значат минимално олеснување на моменталната состојба.

Инаку, уште по самото примопредавање на автобусите донирани во рамките на проектот „ЕУ за чист воздух“ се појавија помали, но и поголеми грешки во документацијата што во изминатиот период требаше да бидат отстранети.

Едноподните автобуси на компримиран природен гас, произведени од турската компанија „БМЦ“, пристигнаа со налепници на кои беа воочени правописни грешки на албански и на македонски јазик, па беа изготвени нови кои, како што соопштија од Министерството за животна средина, ќе бидат заменети пред нивното пуштање во употреба.

Но, поголем проблем настана поради грешки во документацијата што се однесуваат на погрешен број на шасијата на еден од автобусите како и бојата на автобусите, каде што наместо црвена била впишана сина боја.
Поради тоа, на последната седница на Советот на Град Скопје, одржана кон крајот на декември, беа повторно изгласани две одлуки за надминување на овој проблем, едната е Одлука за изменување на Одлуката за примање донација од УПОС, а другата за изменување на Одлуката за пренесување на правото на сопственост на шест автобуси со компримиран природен гас на ЈСП Скопје, со кои се решаваат овие грешки во документацијата.