Досега издадени 18.223 патни исправи за наши граѓани во странство, само во Виена 884

Министерот за внатрешни работи за време на работниот престој во Виена, Република Австрија, покрај работната посета на Сојузното МВР и билатерална средба со австрискиот колега Герхард Карнер, како и одржаното предавање во австриското МВР на тема „Миграциски токови и значењето на потпишаниот договор со ФРОНТЕКС за безбедноста на европските граници”, на покана на амбасадорот на Република Северна Македонија во Република Австрија, Н. Е. Освит Росоклија, оствари средба со претставници на македонската дијаспора во Амбасадата на Република Северна Македонија во Виена, како и со вработените во Амбасадата, согласно веќе воспоставената практика при работните посети во странство да се остварат средби со нашите исселеници, а под мотото ,,Го слушаме гласот на сите, секој еден е важен”.

За време на посетата на Амбасадата, министерот Спасовски се сретна со амбасадорот Росоклија, како и со министерт советник во амбасадата, Финка Серафимова Душков, при што од страна на амбасадорот Росоклија беше информиран за процесот на издавање на патни исправи преку Дипломатско-конзуларните претставништва, односно дека во изминатиот период, заклучно со 15 ноември, само во Виена се издадени вкупно 884 патни исправи преку заедничкиот проект на Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи, отпочнат на 01.10.2021 година, а во врска со поднесување барања за издавање на патни исправи преку базните станици во дипломатско-конзуларните претставништва.

Согласно новиот проект од страна на МВР обезбедени се и инсталирани вкупно  11 базни станици (Њујорк, Венеција, Брисел, Стокхолм, Љубљана, Лондон, Берн, Виена, Бон, Берлин,и Минхен) и 5 мобилни станици, а досега заклучно со 15 ноември 2022 издадени се вкупно 18.223 патни исправи преку ДКП ширум светот.

Министерот Спасовски во оваа прилика уште еднаш потврди дека проектот е во насока на сериозно кратење на времетраењето на процедурите, намалување на гужвите по управните служби, но и трошоците за граѓаните, со тоа што сега процедурата трае од 15 до 30 дена, споредбено со неколку месечното чекање што беше пракса во минатото, пред отпочнување на проектот.

Од страна на амбасадорот Освит Росоклија беше упатена благодарност до делегацијата на МВР, за слухот што оваа Влада и министерот Оливер Спасовски го имаат за потребите на Македонците во дијаспората, при што му презентираше дел од предлозите и предизвиците со кои се соочуваат нашите исселеници. Министерот Спасовски и во оваа прилика изрази силно уверување дека токму целта на ваквите средби со наши исселеници е да се иницираат и забрзаат веќе  отпочнатите активности за  подобрување на условите на нашите граѓани во државите во кои живеат.