Досега потврден само еден случај на омикрон во Македонија, процентот на позитивност 6,7 отсто

Досега во државата е потврден само еден случај на омикрон, соопшти во четвртокот вечерта Министерството за здравство, кое ја демантираше веста за нов потврден случај на овој сој на корона вирусот во Струга.

„Со секвенционирање на вирусот Sars-CoV-2 досега сојот омикрон е детектиран само кај еден пациент кој во државата пред извесно време се вратил од Велика Британија, соопшти синоќа Министерството за здравство, посочувајќи дека утврдување на присуство на сој на корона вирусот се врши единствено и исклучиво со секвенционирање, додека PCR тестирањето може да биде само индикација, но не и потврда дека пациент е заразен со сојот омикрон на Covid-19.

Досега на PCR тестови кај тројца пациенти позитивни на Covid-19 е детектиран S-gene dropout, но нема извршено секвенционирање, односно нема потврда дека се заразени со омикрон. Тестирањата им се направени во приватна болница, а станува збор за пациенти од Прилеп, Велес и Струга. На пациентите им е направена епидемиолошка анкета и согласно протоколите во изолација се ставени лицата со кои биле во контакт“, се додава во соопштението.

Министерството за здравство воедно апелира од воздржување и давање паушални изјави и непроверени информации, кои ги доведуваат граѓаните во заблуда и шират паника меѓу населението.

Епидемиологот од Центарот за јавно здравје, Јованка Струлакова – Коровешоска претходно вчера информираше дека кај повозрасно лице од Струга, вакцинирано со две дози „Pfizer/BioNTech“, е потврден случај на омикрон сојот на Covid-19.

Првиот случај на омикрон во државата, беше регистриран минатиот петок.

Во текот на претходното деноноќие беа евидентирани нови 373 случаи со Ковид-19 од направени 5.489 тестирања или 6,7 отсто. Пријавени вкупно 18 починати лица, во изминатите 24 часа 12 и шест со датум на смрт од 03.12. до 21.12.2021 година. Регистрирани се и 320 оздравени пациенти, соопшти Министерството за здравство.

Од новозаразените 373, најмногу се во Скопје – 196, Битола 36, Охрид 20, Кавадарци 18, Прилеп 17 и други.

Досега во земјата се направени вкупно 1.591.522 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 224.507, бројот на оздравени пациенти е 211.548, на починати е 7.953, а на активни случаи изнесува 5.006.

Според епидемиолошки анализи во моментов, во Скопје има 2550 активни случаи, следи Битола со 378, па Прилеп со 350, Охрид – 233, Кавадарци – 184, Велес и Струмица по 142 случаи, Куманово 109, Гевгелија 100 активни случаи. Во другите градови има помалку од 100, а во Дебар само еден активен случај. Во Пехчево, во моментов нема ниту еден.