Досега потврдени 19 жртви во поплавите во БиХ, црниот биланс може да расте

Само на подрачјето на Јабланица во поплавите и свлечиштата што ноќта кон петокот ја погодија Босна и Херцеговина загинаа 16 лица, додека во Фојница се удавија три лица, со што вкупниот број на загинати се искачи на 19, а се стравува дека оваа бројка може да биде значително повисока.

„Досега е утврдено дека загинале 16 лица“, соопшти Министерството за внатрешни работи на Херцеговско-неретванската жупанија, мислејќи на жртвите чии тела се пронајдени во Јабланица.

Јабланица беше најтешко погодената општина во синоќешните поплави. Според пишувањата на медиумите, во населбата Доња Јабланица се трага по десетици луѓе, па се стравува дека црниот биланс од поплавите е многу поголем.

Урнати се голем број куќи, руинирани се патишта, мостови, па дури и железничка пруга. Се бара сместување за голем број луѓе кои останале без покрив над главата.

Сообраќајот од Мостар кон Јабланица е во прекин, додека свлечиштата на северните приоди од правец на Сараево се отстранети, а повредените се евакуираат во главниот град на БиХ.

Делегација на владата на Херцеговско-неретванската жупанија замина во Јабланица, а властите на Федерацијата Босна и Херцеговина прогласија вонредна состојба.

Во Фојница во централна Босна во текот на денот беше пронајдена жена која се удави во поплавите, а потоа беше потврдена смртта на уште две лица.

Финансиска поддршка ја одобри претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој од буџетот на Република Српска издвои вкупно 125.000 евра за петте општини погодени од поплавите.

Во Босна и Херцеговина веќе се започнати бројни акции за помош на настраданите од поплавите.