Три лица загинаа а уште десетина се водат како исчезнати по експлозијата од саботата утрото во станбена зграда на островот Џерси, крај северниот брег на Франција.
„Сега имаме, жалам што тоа морам да го кажам, три загинати лица“, изјави за медиумите Робин Смит, началник на полицијата на Џерси и додаде дека 20 до 30 луѓе се евакуирани, а две лица се полесно повредени и добиле медицинска помош во болницата.
Експлозијата се случила околу четири часот наутро по локално време, а во следните неколку часа бил изгаснат пожарот предизвикан од детонацијата. Припадниците на службите за итни ситуации и вечерта во саботата продолжуваат со пребарување на урнатините.
Смит, претходно за локалните медиуми изјави дека зградата близу пристаништето на главниот град на островот Сент Хелиер целосно е урната, како и дека смета оти напорите за пребарување и спасување ќе траат „неколку денови“.
Потврди дека противпожарната служба била повикана во зградата во петокот ноќта пред експлозијата, откако жителите пријавиле дека чувствуваат гас. Смит не ги коментира причините за експлозијата, и рече дека тоа е предмет на истрагата која се води.
Островот Џерси е британски кралски посед со сопствен финансиски и правосуден систем, поради што важи како една од светските „даночни оази“. На островот, со посебно живеалиште, живеат околу 100.000 лица.
Полицијата претходно соопшти дека го истражува инцидентот во станбени објекти. Улицата којашто е спомената во изјавата се наоѓа во близина на пристаништето на главниот град на островот Сент Хелиер.