Досега вакцинирани 245.413 граѓани

Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 440.213 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 245.413 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 1.255 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 14.282 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 384.466 дози вакцини, а ревакцинирани се 139.053 граѓани.

Со последните бројки 48 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина и 35 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура.

Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.