Досега во Македонија од Covid-19 починале 21 здравствен работник и седум трудници

Заклучно со 20-ти декември, во земјата вкупно се пријавени 78.432 случаи на зараза со коронаворусот, од кои 40.048 се машки и 38.384 женски лица.  Специфичниот морбидитет кај машките е 3.863,7/100.000, додека кај женските 3.717,0/100.000, се наведува во Извештајот на Институтот за јавно здравје и според нивната оцена Македонија се наоѓа во ткн „фаза 4“ , односно широко-распространета трансмисија на вирусот во заедницата.

Според извештајот, од почетокот на епидемијата, во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (69,0 отсто), кашлица (40,4 отсто), малаксаност (40,3 отсто), ослабен осет за мирис и/или вкус (27,1 отсто), главоболка (22,2 готсто), мускулна болка (18,2 отсто), болка во грло (14,9 отсто), треска (13,7 отсто) и отежнато дишење (10,1 отсто).

Од случаите кои се епидемиолошки истражени (59.893; 76,4 отсто), кај 14.063 или 23,7 отсто од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето.

Од истражените 59.893 случаи 385  или 0,6 отсто се случаи кај бремени жени, од кои 61 била хоспитализирани во текот на болеста. Од вкупниот број на регистрирани бремени жени, 109 се асимптоматски случаи.

Регистрирани се 2.954 или  5,0 отсто случаи на заболување меѓу здравствени работници.

Во однос на коморбидитети, од случаите кои се епидемиолошки истражени, кај 18.208  лица се присутни хронична/и здравствени состојби, од кои 12.463 лица имаат кардиоваскуларна болест, 4.693 дијабет, 2.525 се со хронична белодробна болест и 3.361 со други хронични болести. Од хоспитализираните случаи, кај 4.093 (62,6%) се присутни коморбидитети.

Регистрирани се 2.314 смртни случаи. Од нив 1.460 смртни случаи се лица од машки пол и 854 се лица од женски пол.

Од починатите, кај 1.656 или 71,6 отсто од нив се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (1.278), дијабет (587) и белодробна болест (262). Регистрирани се 7 смртни случаи кај бремени жени и 21 смртни случаи кај здравствени работници. 144 (6,2 отсто) од пријавените случаи починале во вонболнички услови, а 2.170 (93,8 отсто) починале за време на хоспитализација.

Во однос на датумот на смртта, најголем број на смртни случаи се регистрирани на 30-ти ноември кога починале 40 луѓе од Covid-19.

Во периодот од 15-ти февруари до 13-ти декември тестирани се вкупно 381.207 материјали (детектирани 78.432 позитивни лица) во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2 и во лабораториите во кои се спроведува брз антигенски тест. Со ова во земјата се направени 184.232 тестови на 1.000.000 жители.