Досие за убиството на Џељал Ајети: Списокот на осомничени долг колку и списокот на должници

Она што неофицијално може да се дознае околу делувањето на Ајети е дека позајмувал огромни суми на пари на многумина, некои велат дека во оптек имал пуштено дури и неколку милиони евра
Меѓу имињата на долгиот список на должници на Џељал Ајети или познат како Џељо од Арачиново, полицијата ќе го бара потенцијалниот извршител или нарачател на неговата егзекуција направена во петокот попладне во неговата чајџилницата во скопската населба Ченто.

 

Од Министерството за внатрешни работи официјално велат дека опцијата осомничениот да се бара меѓу наводните должници е само една насока во која може да оди истрагата.

 

Но, она што неофицијално може да се дознае околу делувањето на Ајети е дека позајмувал огромни суми на пари на многумина, некои велат дека во оптек имал пуштено дури и неколку милиони евра, а каматата и до 10 отсто течела секој ден. Во црниот тефтер на познатиот Џељо од Арачиново се наоѓале имиња и на познати и угледни скопски бизнисмени, угостители, но и градски фаци кои позајмените пари ги користеле за скапи автомобили, луксузен „провод“ со девојки и слични уживања.

 

Нашите извори добро упатени во овој дел од животот во главниот град велат дека еден од клиентите на сега починатиот Ајети бил и газда на скопска фирма која се занимава со маркетинг и огласување. Според нашите информации, во последно време бизнисменот не бил во можност да ги враќа илјадниците евра позајмени од Ајети, поради што останал без неколку од своите скапи и луксузни возила.

 

На наводно долгиот список заборчени под лихва, вели нашиот извор, се наоѓа и името на познат угостител, сопственик на пицерија. Тој, според неофицијалните информации, не должел голема сума, а досега не се соочил со проблеми бидејќи редовно ги подмирувал достасаните рати.

 

Огромна сума на пари, поточно околу 140.000 евра, вели нашиот извор, должел познат скопски плејбој и љубител на спортски автомобили.  Должникот, кој претходно и самиот бил во бизнисот на незаконско кредитирање со високи каматни стапки, станал клиент на Ајети токму поради својата слабост кон луксузните миленици на четири тркала и згодните, но и скапи, девојки. Последните пари кои скопскиот плејбој ги позајмил од Ајети, раскажува нашиот извор, ги потрошил на шопинг и летување во Грција со една позната српска пејачка.

 

А, откако го потрошил и последното позајмено евро и без можност да ги врати парите, на скопјанецот му се губи секоја трага, па Ајети наводно останал без можност да си ги наплати долговите.

 

Џељо од Арачиново, како што неофицијално дознаваме, имал мака да го наплати долгот и од сопственик на спортска обложувалница кому пред одреден период му позајмил околу 50.000 евра. Ајети и неговите луѓе, вели нашиот извор, биле принудени со „мала“ демонстрација на сила да го потсетат бизнисменот дека ратите мора редовно да се подмируваат.

 

Полиција најверојатно во наредниот период ќе има полни раце работа за да провери дали некој од овие познати лица наместо да плаќа се осмелил да го ликвидира Ајети, или пак сторителот треба да се бара во сосем друга насока?

 

Ајети не стравувал за својот живот

 

Адвокатот Мирослав Вујиќ, кој со години наназад го застапуваше Ајети пред лицето на правдата, вели дека неговиот клиент во последниот период не добивал закани по животот или сметал дека му бил загорзен на некој начин.

 

„Зарем ако му се заканувал некој ќе одел без оружје, сам и секојдневно ќе биде низ град“, вели Вујиќ на нашето прашање дали Ајети добивал закани од некого.

 

Адвокатот вели дека не бил запознаен со „бизнис активностите“ на неговиот клиент.

 

„Јас не знам за такво нешто“, одговара Вујиќ прашан за коментар околу неофицијалните информации дека неговиот клиент се занимавал со лихварство.

 

Според адвокатот на убиениот Ајети, не е вистина дека против неговиот клиенти биле поднесени 18 кривични пријави. Вујиќ истакнува дека во моментов е активна кривична пријава за насилство за инцидентот во кафулето „Инсомнија“ во јуни 2008 година.

 

Богато криминално досие: Убиства, тепачки и бомби….

 

Крими-приказната за Ајети полна со убиства, подметнати бомби, оружени престрелки почнува во 90-тите години. Ајети заедно со Агим Шерифи создаваат моќна криминална група која во 1996 година беше вмешана во инцидент кој заврши со убиство на полицски инспектор во трговскиот центар „Беверли Хилс“. За ова дело беше суден само братот на Џељо Ајети, но не и тој и неговиот пријател Агим Шерефи. Зад решетки завршија други лица, а братот на Аејти беше ослободен.

 

Години подоцна, Ајети стана лидер на групата „Беланоца“, иако тој тоа го демантираше. Неговата банда стана ривалска со онаа на Шерифи. Под мистериозни околности во 2009-та година Агим Шерифи беше најден мртов на депонија покрај стартиот пат од Скопје за Куманово, во непосредна близина на Арачиново. Со еден куршум во челото врз Шерифи била извршена класична ликвидација.

 

Името и групата на Ајети се врзува и за се уште нерасветленото убиството на скопскиот угостител Миле Петковиќ – Брус. Брус беше убиен пред неговиот ресторан во скопско Маџари во август 2005-тата година. Тогаш се шпекулираше дека убиството на Брус е одмазда за смртта на братот Ајети, Неџмедин. Неџмедин Ајети беше застрелан во оружена престрелка меѓу него и зетот на Петковиќ во ресторанот „Кај Брус“ во март 2005.

 

Расчистување стари сметки со лутите ривали од скопското криминално милје продолжи по скопските кафулиња особено откако на сцената се појави Кољо Николовски, познат како Кољо Американац.

 

Во март 2008 година гостите во кафулето „Тренд“ беа сведоци на судирот меѓу групите на Ајети и Кољо Американец. Тепачката во центарот на Скопје резултираше со ракетирање на домот на Кољо во скопската населба Триангла.

 

Судирот меѓу двајцата босови на скопското подземје кулминираше со директна пресметка во кафулето „Инсомнија“ во ГТЦ. Случајната средба меѓу масите заврши со тепачка и оружена пресметка меѓу Ајети и Николовски, при која Американецот заработи прострелна рана во раката, а другата страна го извлекла подебелиот крај во физичката пресметка.

 

Се’ до петокот Ајети успеваше да им избегне како на законот така и на лицата кои ја бараа неговата глава. Ајети преживеа неколку подметнати бомби, оружени напади…

 

Остана запаметено и неговото вешто бегство од домот во Ченто и покрај тоа што неговата куќа беше опколена од специјални полицски единици, при обид за негово приведување.

 

Но, блиска средба со полициските специјалци на МВР, Ајети имаше на почетокот на оружениот конфликт во земјава, пред нешто повеќе од 10 години. Тогаш при пружање отпор во полициска акција и при обид да нападне полицајци Ајети беше претепан од специјалците на МВР. Потоа даваше изјави за странски медиуми дека наводно бил крвнички претепан само затоа што е Албанец.

 

На крајот, дали неговото убиство е извршено или наредено од  некој очаен должник или пак е резултат на криминална пресметка најверојатно ќе биде откриено наскоро.