Филип Достовски, основач на здружението „Зелена алтернатива“ и едукатор за лекување со масло од канабис не признава дека е виновен и тоа ќе го докажува на суд, иако не очекува фер судење во Основниот суд Скопје 1, каде денеска имаше протест за подршка на активистот. Како што најавија организаторите на Фејсбук, протестот е и против законот кој ги третира пациентите како криминалци. Тие бараат да се овозможи достоинствен живот и „лекување во слобода и без страв од реперкусии“.
Достовски денеска пред судот пред почетокот на рочиштето рече дека не очекува фер судење затоа што ни досегашната постапка не била фер.
Не уапсија двајца, кај мене најдоа див коноп кој расте во Кочани. Анализите во Израел на оваа тревка покажаа дека е добра за епилепсија. Кај мојот другар најдоа TХЦ канабис. И двата канабиси беа дадени од пациенти да им изработиме масло. Еден од пациенти е припадник на МВР. Мојот другар се сложи на условна казна, јас не сакам да се сложам, не сакама да бидам осуден за криминал затоа што ништо немам направено. Он изгледа попушти под притисок, изјави Достовски.
Според него, здружението претходно четири години работело, но никогаш немале проблеми со полицијата.
Вечерта кога ми влегоа дома, полицајците ми кажаа дека за мене немало истрага и дека се пратени по налог, мислам од една фармацевтска компанија, зошто имав и закана по телефон, што е пријавено во Полициска станица. По една недела ми влезе полиција, рече Достовски.
Освен припадници на полицијата, Достовски лекувал и пациенти блиски на обвинителката која поднесе обвинение против него.
Обвинителката ми кажа на едно рочиште „не се секирај, знам се што си правел, си правел и за мои блиски луѓе. Сакам да прашам дали тие луѓе ќе се сложат со обвинението што е покренато против мене, обвинението е смешно. Позади мене немам никој, ко што ме обвинуваат дека стојат бизнис структури. Најверојатно ќе ме судат на база на мислење не на знаење. Треба да ме судат на база на научни податоци, а не на суеверие, посочи тој.
Според активистот Македонија стои во место кога се работи за законот за легализација на канабисот. Оваа тревка, рече тој, не е само лек, туку се користи и во индустријата.
Треба да се отворат очите. Канабисот никому не му штети, само им помага на пациентите. Сите бараат канабис како лек, а 90 отсто го користат превентивно, рече тој.