Довербата на народот во институциите е катастрофална: Корупцијата, ниските приходи и криминалот најмногу ги мачат граѓаните

Корупцијата, ниските приходи и криминалот – тоа се трите најголеми проблеми со коишто се соочува Македонија според граѓаните.

Најголем дел од испитаниците во анкетата што ја нарача „Солуција“, а ја спроведе агенцијата Проспект М, односно 18% се изјасниле дека корупцијата е клучен проблем, 15,5% рекле дека тоа се ниските приходи, а 14,5 – криминалот. Понатаму на листата на проблеми следуваат: политичката нестабилност со 11,1%; сиромаштијата со 10,3%; невработеноста со 6,9%; здравствената заштита со 6,4%; партизацијата со 5,7%.

Дури 68,3% од македонските граѓани сметаат дека државата се движи во погрешна насока. Само 11% сметаат дека се движи во правилна насока, додека 17,5% одговориле дека стои во место и 3,2% не знаеле да одговорат, во анкетата “Перцепции за најголемите проблеми на граѓаните и државата“ чии што наоди денеска беа анализирани и коментирани во просториите на Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“.

На прашањето дали очекуваат подобра иднина за своите деца доколку останат да живеат во Македонија 57,6% од граѓаните сметаат дека нивниот живот ќе биде полош во иднина, додека 22,9% очекуваат да остане со ист квалитет. Само 16,9% испитаници искажале оптимизам за ова прашање.

За аналитичарите овие резултати од испитувањето на јавното мислење не се воопшто за чудење, и само ја потврдуваат општата состојба на песимизам, дефетизам и несигурност кај граѓаните.

„Таквата перцепција на луѓето за општата состојба во државата и иднината што ги очекува е резултат од комбинација на два фактори: објективното потфрлање на власта да ги адресира и решава најгорливите проблеми на граѓаните, но и дополнителното ‘долевање масло на огнот’ од страна на хибридните напади што се случуваат кон македонските граѓани како таргет, а спроведени главно преку социјалните медиуми од страна на ентитети кои сакаат да ѝ наштетат на државата. Тоа уште повеќе го зголемува чувството на бесперспективност  и неверување дека нештата ќе се подобрат“, смета Марко Трошановски , претседател на Институтот за демократија „Социетас цивилис“.

За Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, интересно е тоа што граѓаните ја препознаваат високата корупција во облик на јавни набавки, големи тендери и сл., но не сакаат да ја видат корупцијата што е широко раширена на пониско ниво, во секојдневното живеење и работење, односно малите износи коишто сме навикнале да ги даваме за да добиеме некоја услуга во јавниот сектор.

„Како  и да е, ситуацијата генерално е лоша, можеби најлоши резултати за перцепцијата на граѓаните за проблемите во општеството досега, ако се спореди со анкети што и ние во МЦМС ги правиме веќе со години.  Мислам дека главните проблеми потекнуваат од самите перформанси на институциите, а мошне интересен наод во анкетата е оној дека граѓаните во поголем дел не би ѝ дале повторно доверба на актуелната владејачка гарнитура на претстојните избори, но исто така не веруваат ниту дека опозицијата ако дојде на власт ќе ги реши нивните најголеми проблеми“, рече Кржаловски.

Довербата на граѓаните во институциите е катастрофална, исто така покажа анкетата.

Најслабо стои Парламентот, кому целосно му веруваат само 1, 9 %. Целосна недоверба во храмот на демократијата имаат дури 51,8%,  23,2 % донекаде не му веруваат, а 21,9% донекаде му веруваат.

Судството е еднакво извор на недоверба – само 3,2% целосно му веруваат на правосудниот систем, а 17,7% донекаде му веруваат. Целосна недоверба во него имаат 53%, а донекаде недоверба една четвртина од испитаниците, или 24,9%. Со исклучително ниска доверба се и Владата и политичките партии, со ниво на целосна доверба од само 4,6% и 1,8% респективно.

Нешто подобро кај граѓаните котираат медиумите и граѓанските организации, со целосна доверба од 6,3% и 6,7%, додека најголема доверба кај народот имаат верските институции, со 17,8% целосна доверба и 36% донекаде доверба.

Анкетата беше изработена во периодот од 09.01 до 21.01.2024 на репрезентативен примерок од 1.000 граѓани, со маргина на грешка 3,1% и со ниво на доверба од 95%.