Нивото на доверба во новиот француски претседател Емануел Макрон, во изминатиот месец паднала за 10 отсто, по малку повеќе од три месеца откако стапи на должноста што претставува втор по големина пад на рејтингот за истиот период по Жак Ширак во 1995 година, покажува испитувањето на јавното мнение спроведено од институтот Ifop за неделникот Journal du Dimanche.
„Шефот на државата загубил десет процентни поени за еден месец, покажуваат податоците од анкетата на Ifop и JDD. Со исклучок на Жак Ширак, кој загуби 15 процентни поени во периодот мај – јули во 1995 година, што е најголем пад на довербата во претседателот по три месеца на власт“, се забележува во текстот на Journal du Dimanche.
Според неделникот, во јули нивото на доверба во претседателот Емануел Макрон се симнало на околу 54 отсто. Во текстот, исто така, се истакнува дека ваквите резултати може да се објаснат со неодамнешниот скандал околу големината на буџетот за одбраната, како и со стравувањето на Французите дека предизборните ветувања нема да бидат исполнети.
Се истакнува дека многу од испитаниците ја критикувале „авторитарноста“ на Макрон во однос на неодамна пензионираниот генерал Пјер де Вилие. Сепак, значителен дел од испитаниците и натаму продолжуваат да го поддржуваат „мотото на шефот на државата и неговата активност“.
Во средата, првпат во историјата на француската Петта Република, поради острите несогласувања со претседателот за намалувањето на буџетот на министерството за одбрана, началникот на Генералштабот на вооружените сили си поднесе оставка. Претседателот Емануел Макрон ја прифати оставката на генералот Пјер де Вилие.