Долждливото благо лето и отсуството на поголеми спротски настани коишто вообичаено ги следи и поголемо консумирање пијалаци ја погоди и потрошувачката на пиво во Германија во првите девет месеци од годинава, а со тоа и приходите на пиварниците, покажуваат податоците статистичкото биро Destatis.
Пивари известија 3,1-процентен пад на продажбата на пиво во првите девет месеци од 2017 година во однос на истиот период минатата година, на 72 милиони хектолитри, објави во понеделникот германската статистичка агенција. А станува збор за најомилениот пијалак со кој Германците ја гаснат жедта.
Иако наведените бројки ги вклучуваат и бочвите, шишињата и конзервите испорачани и на странските пазари, намалена е и домашната потрошувачка, лизнувајќи се во споменатиот период за 2,7 отсто, на 58,9 милиони хектолитри пиво.
Консумирањето пиво во Германија со години наназад се намалува, но овојпат во прв ред временските прилики се причина за намалувањето на приходите во пиварската индустрија, вели за агенцијата DPA, Холгер Ејхел од Германското пиварско здружение.
Земјата во којашто се стекнува впечатокот дека речиси секое село, град па дури и населба имаат свое сопствено пиво, во 2017 година беше погодена од дождливо и неретко благо лето. Меѓутоа, пиварите се оптимистични во поглед на остатокот од годината, а се надеваат „во сончевиот остаток од есента и солидното работење за време на божикните и новогодишните празници“, додава Ејхел.
Лошото време, сепак, не ги одвратило бројните граѓани да го посетат годинешното издание на познатиот Октобарфест во баварската престолнина Минхен. Околу 6,2 милиони посетители испиле околу 7,5 милиони еднолитарски чаши пиво, што претставува зголемување од над 13 отсто во споредба со минатата 2016 година.