Граѓаните јасно покажаа дека дождот нема да ги спречи да ја искажат својата љубов кон татковината и да порачаат дека немаат намера да прифатат спроведување на Тиранска платформа во Македонија, која земјата ќе ја однесе кон федерализација.
-Дождот може да ги растопи оние кои се направени од шеќер, а не од титаниум. Дождот може да ги избрише оние кои оставаат траг од креда зад себе, а не оние кои го сочинуваат црвено-жолтото море. Дождот може да ги поколеба оние со волја прицврстена со лак за коса, но не и оние кои од секоја пора дишат за Македонија. Затоа, денес го предводиме Маршот на дождот, напишаа денес од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ на Фејсбук профилот.
-Сите со челичната волја и бескрајната љубов за Заедничка Македонија. Сите со чадори од дома, за да го направиме најголемиот чадор во Македонија. Не ни требаат чадори од надвор, бидејќи народот е чадорот на унитарна Република Македонија, на нејзиниот Устав и мултиетничко општество. Народот е чадорот на волјата искажана на избори, и нема да дозволиме никој да ја лизга иднината на Македонија со платформи правени во соседни држави. И ниту дожд, ниту виулици, ниту снегови ќе не поколебаат од нашата Патека. Македонија е будна и подготвена, пишува од иницијативата.