Извори од Демократската партија на Албанците (ДПА) потврдуваат дека нивниот лидер и пратеник, Мендух Тачи го напушта Европскиот фронт, што постави многу прашања за иднината на албанската опозиција на политичка сцена во Македонија. Извори кои што сакаат да останат анонимни за електронскиот медиум на албански јазик ТетоваСот ја потврдуваат информацијата дека Тачи ја напушта опозициската коалиција и дека веќе нема да учествува на настани на т.н Европски фронт.
„Да, нашиот лидер го напушти Европскиот фронт и веќе нема фронт. Претседателот ќе има комуникација само со лидерот на ДУИ, Али Ахмети“, изјавија од ДПА, нагласувајќи дека во блиска иднина ќе бидат објавени деталите за причините зад овој потег.
Досега, Демократската партија на Албанците (ДПА) играше улога на “сателит” на ДУИ, но откако донесе одлука да се одвои, стана јасно дека овој сојуз е во фаза на распаѓање. ДУИ се обидуваше да се позиционира како единствен легитимен претставник на македонските граѓани припадници на албанската заедница. Со одлуката на ДПА да не биде дел од маневрите на ДУИ, го закова последниот клинец во ковчегот на некогашниот сојуз предводен од Али Ахмети.
Инаку, Ахмети вчера се обиде да ги демантира ваквите гласини потенцирајќи дека Тачи останува на линија со Европскиот фронт.
„Господинот Тачи е на линија со Европскиот фронт, нема дилема. Но, сега, за да се надополнат загубите и неуспесите, владиниот дел се држи за терциерни работи“, рече Ахмети.
Во контекст на оваа ситуација, Ахмети истакна дека неговата партија не е „резервна гума“ и дека не планира да ја менува својата стратегија.
„Не сме заинтересирани да станеме дел од оваа влада, бидејќи не сме резервна гума. Ние не сме претставници на анархија и реваншизам, не постапуваме по инстинкт, затоа што сме изградени по национална идеологија“, рече Ахмети на настанот за 100 дена влада додавајќи дека фронтот продолжува со секојдневни пресконференции.
Очигледно ваквите одлуки на Ахмети за секојдневно одржување на пресконференции не наиде на разбирање кај коалиционите партнери. Во медиумите се шири веста дека Фронтот, освен ДПА и Мендух Тачи го напушти и ромската партија Унија на Ромите предводена од Фатма Османовска, партнерка на градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш.
Доколку се погледне структурата по последните случувања во Европскиот фронт, предводен од ДУИ што сега располага со 17 пратеници, сугерира дека одвојувањето на ДПА и на Унија на Ромите може да предизвикаат политички турбуленции во нивните редови.
ДПА очигледно ги воочува долгорочните тенденции на политичка сцена, и одлучува на време да се дистанцира од канцерогените политики на ДУИ, кој што ги губи гласовите и поддршката, што сигнализира на промени во политичката динамкика во земјава. Ова може да им даде можност на ДПА да се позиционира како нова алтернатива за граѓаните од албанската заедница.