Државниот пазарен инспекторат ги изрече првите парични казни за непочитувачите на одлуката на Владата со која им се наложи на трговците да ја намалат профитната маржа на седумдесетина прехрамбени производи за 10 отсто со што би се намалиле нивните цени во малопродажба.
Од институцијата информираат дека до сега извршени биле над 60 контроли на целата територија на државата при што биле изречени осум платни налози во висина од речиси 20 илјади евра.
Од ДПИ информираат дека под надзор денеска ќе се најдат и бурекџилниците, помалите маркети и останати трговци на мало.
Денеска на терен се распоредени 47 тимови со 135 инспектори.
Од ДПИ апелираат трговците да не се обидуваат да ја заобиколуваат обврската, бидејќи нема да има толеранција, и ќе бидат најстрого казнувани.
Казнените глоби за прекршителите се движат од 2.000 до 10.000 евра.