Државната пазарна инспекција затвори два маркети во Битола и во Скопје кои предвреме прекинале да ги почитуваат правилата за гарантирана цена. Според информации на Сител, станува збор за поголеми ланци на маркети, а инспекторите ќе вршат дополнителни проверки на документацијата и овие две решенија може да не се и единствените.
До донесувањето на Законот за нефер трговски практики кој е во собраниска процедура, остана вакум простор кој трговците можат да го искористат за да ги наполнат џебовите, со оглед на тоа што откако Законот ќе стапи во сила, Министерството за економија ќе ја донесе и листата од повеќе од 2.000 производи, чија маржа според надлежните не смее да надмине 10%.
Но, има и такви кои се обврзале да ги задржат гарантираните цени до средината на мај, или додека законодавниот дом не го донесе ова законско решение.
Замрзнувањето на цените требаше да ја смири високата инфлација, но економистите веќе предупредија дека е ова само привремена мерка. Експертите тврдат дека потребно е системско решение кое ќе ги заштити основните производи и услуги кои директно влијаат за животниот стандард на граѓаните.