Драган Тренчевски направи лаптоп на кој се готви

Станува збор сè уште само за концепт, но Тренчевски навистина многу размислувал за тоа како ќе работи, пишува американскиот портал CNET, специјализиран за компјутерска и индустриска технологија, пишува Дневник.

Ако сакате да поминувате време во кујната, но мразите кога погледот ќе ви се тргне од екранот на компјутерот, проблемот може да го реши македонскиот дизајнер Драган Тренчевски со својот прототип за „Електролукс мобилна кујна“. Тренчевски ја замислува кујната од иднината на еден оригинален агол. Неговата визија за кујна на иднината е поврзана со мобилност. За модерниот човек во движење таа претставува спој на лаптоп и модерно кујнско катче под шведскиот бренд „Електролукс“. Тој беше избран како еден од финалистите на конкурсот за дизајнерски концепт на „Електролукс“ во 2011 година. Но интересот за неговиот изум не застанува таму. Деновиве повторно е актуелен откако во почетокот на годинава најголемиот конкурент на шведскиот бренд, „Вирлпул“, ја претстави интерактивната кујна на иднината. А Тренчевски го продлабочува тој концепт, пишува американскиот медиум.

Футуристичкиот предмет на нашиот дизајнер содржи таблет, плоча за готвење и штица за сечење во една компактна машина. Можете да поставите тава на површината за термичка обработка, која се напојува од сопствена батерија и работи на индуктивен принцип. Таблетот со екран на допир можете да го користите за брз пристап до рецепти на интернет, информации за хранливата вредност на производите и јадењата што ги подготвувате, корисни кулинарски апликации… Можностите се речиси неограничени – уредот има блутут, вај-фај и вградена камера. Предвидено е дури необичната кујнска машина да се користи и како штица за сечење.

2

– Kапакот самиот по себе е лаптоп со екран на допир, кој може да се користи за гледање видеа за готвење, барање рецепти на интернет или мајка ви преку „Скајп“ да ви помага за потешките јадења. „Мобилната кујна“ ќе има можност за конекција преку вај-фај и блутут, како и камера, микрофон и звучник. Се надевам дека ќе биде отпорна и на масти – вели Тренчевски.

Ваков лаптоп би бил одлично решение ако треба да готвите на отворено или додека патувате. Единствениот проблем е тоа што ќе ви требаат и еден куп дополнителни додатоци – асортиман на ножеви, барем еден тава, шпатула за мешање и торба со производи, се разбира.

– Станува збор само за концепт, но Тренчевски навистина многу размислувал за тоа како ќе работи – пишува американскиот портал CNET, специјализиран за компјутерска и индустриска технологија.

Kако индустриски дизајнер, Тренчевски досега има создадено широк спектар на забавни и практични дизајнерски идеи како студент на Машинскиот факултет во Скопје. Денес има 27 години и може да се пофали со повеќе успешни проекти. Во јуни годинава доби трета награда на конкурсот на „Пелистерка“ за најинтересни решенија на велосипедски паркинзи.

Тренчевски е дизајнер на електронска книга, која може да се завитка во ролна наречена „иРол“. Идејата е да се извлекува екранот на допир и со него да се читаат книги и списанија. Сега за сега е само идеја, но Драган се надева дека „иРол“ ќе може да се реализира.