Сопствениците на печки на дрво или на пелети во Германија есенва се соочуваат со драстични поскапувања, соопшти во четвртокот Сојузното биро за статистика со седиште во Визбаден.
„Цените на огревното дрво и пелетите во август биле 86 отсто повисоки отколку во исиот период минатата година“, се наведува во соопштението на бирото за статистика.
Значително зголемените цени се објаснуваат, од една страна, со зголемената побарувачка а, од друга страна, со зголемените трошоци на транспортот и работната сила.
Особено пораснала цената на пелетите, за 108 отсто, што е чувствително повеќе отколку стапката за пораст на цените во другите сектори кои во просек изнесуваат 45 отсто.
Германската влада со години го субвенционира набавувањето печки на пелети, како еколошки одржлив огрев. Се забележува дека од почетокот на војната во Украина кон крајот на февруари, во Германија остро пораснала побарувачката на печките на дрво и пелети.
Министерството за заштита на природната средина предупреди на законски пропишаните количества микро-честички за печките на огревно дрво. Дозволени се само печки од понов датум на производството со вградени филтери, како и модернизираните стари печки.
Според податоците на споменатото министерство, печките на дрво предизвикуваат во воздухот повеќе микро-честички отколку сообраќајот.