Дресот на Мајкл Џордан продаден зад над 10 милиони долари

Дресот на еден од најдобрите кошаркари во историјата на играта Американецот Мајкл Џордан со кој настапил на првиот натпревар во финалето на НБА лигата во 1998 година е продаден на наддавање во четвртокот за 10,1 милиони долари, што го прави најскапиот дел од спортска опрема носен на натпревар во историјата.

Претходниот рекорд беше поставен во мај годинава, кога дресот на аргентинската фудбалска ѕвезда Диего Армандо Марадона во кој го постигна погодокот со помош на „Божјата рака“ во победата над Англија од 2:1 на Светското првенство во Мексико во 1986 година, кого го купи анонимен купувач за вкупно 9,3 милиони долари.

„Во седмиците откако ја најавивме аукцијата, се почувствува возбудата не само на љубителите на спортот, туку и колекционерите кои сакаат да поседуваат ретко парче од историјата“, изјави Брам Вечтер, водител на одделот Streetwear и за модерно колекционерство одделот на аукциската куќа Sotheby’s.

„Уште еднаш, денешниот рекорден резултат го зацврстува Мајкл Џордан како неоспорен G.O.A.T, докажувајќи дека неговото име и неспоредливата оставина се еднакво релевантни како што биле и пред речиси 25 години“, додаде Вечтер.

Се очекуваше дека дресот на Џордан ќе постигне меѓу три и пет милиони долари, но сумата ги надмина сите очекувања.

Чикаго Булс во финалето на НБА лигата во 1998 година предводени од Џордан ги совладаа Јута Џез со 4-2 во победи освојувајќи ја шестата титула.

Така годинава веќе двапати е надминат претходниот рекорд за дресот на познатиот бејзбол играч Бејб Рут кој во 2019 година беше продаден за 6,64 милиони долари. Играчот го носел минатиот век, од 1928 до 1930 година, кога настапувал за Њујорк Јенкис.