Аукциската куќа Sotheby’s продаде шест дресови што ги носеше капитенот на аргентинската фудбалска репрезентација Лионел Меси во текот на на минатогодишното Светско фудбалско првенство во Катар за 7,2 милиони евра.
Пред наддавањето коешто започна на 30-ти ноември а заврши во четвртокот на 14-ти декември, нивната вредност беше проценета на повеќе од 10 милиони долари, со што ќе станеше највредната збирка спортски сувенири некогаш продадени на наддавање. За споредба, најскапиот дрес продаден на наддавање е оној што го носеше легендарниот американски кошаркар Мајкл Џордан во финалето за својата последна титула во НБА лигата со Чикаго Булс во 1998 година, кој во септември 2022 година беше продаден за 10,1 милиони долари.
Дел од приходот од продажбата ќе биде дониран во проектот UNICAS, кој го води детската болница Сан Хоан де Деу (SJD) во Барселона со поддршка на Фондацијата Лео Меси, за да се одговори на потребите на децата заболени од ретки болести.
Меси минатата година ја предводеше Аргентина до светската титула.
„Овие историски дресови се потсетување на еден од најважните моменти во спортот и се поврзуваат со врвот на кариерата на еден од најголемите играчи на сите времиња“, објасни претставникот на Sotheby’s, Брам Вахтер.
Дресот со сино-бели линии Меси го носеше на натпреварите во групата против Саудиска Арабија и Мексико, а потоа и во осминафиналето против Австралија, во четврфиналето со Холандија, во полуфиналето против Хрватска и во финалето со Франција.
Со седум постигнати погодоци сега 35-годишниот капитен на аргентинската репрезентација ја освои титулата светски првак, којашто единствена му недостигаше во неговата пребогата колекција трофеи.