![](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2016/04/dron-222-2.jpg?resize=540%2C360&ssl=1)
Еден дрон погодил авион на британската авионска компанија „Бритиш Ервејз„ додека се спуштал на аеродромот Хитроу во Лондон, соопшти Метрополитен полицијата, пренесува МИА.
Сепак, авионот „Ербас-А320“, кој летал на линијата од Женева за Лондон, со 132 патници и петмина членови на екипажот, безбедно се спуштил на аеродромот.
По слетувањето, пилотот на „Ербасот“ го пријавил инцидентот, објаснувајќи дека „некаков објект“, за кој рекол дека „најверојатно е дрон“, удрил во предниот дел од леталото.
Отворена е истрага од аеродромските власти на Хитроу, како и од британската полиција, но претставник на полицијата изјави дека, засега, никој не е уапсен.
Ова е прв регистриран случај во Велика Британија, дрон да удри во некој патнички авион.
Во соопштението на „Бритиш Ервејз“ се вели дека за компанијата е „најважно дека авионот слетал безбедно“.
Компанијата соопшти дека веднаш била направена експертиза на леталото и било утврдено дека авионот може одново да полета.
Британската Управа за цивилна авијација остро реагираше на инцидентот.
Апсолутно е неприфатливо да летаат дронови во близина на аеродроми, се вели во соопштението на Управата, во кое се бара сторителите на ваквите инциденти да бидат осудени и затворени.
Според сегашните прописи, забрането е пуштање дронови во реони покрај аеродроми, за што е предвидена затворска казна до пет години.
Дронови не смеат да се пуштаат да летаат повиоко од 120 метри, како и да летаат блиску до згради и над насобрани луѓе.
Безбедносни експерти сугерираат по овој инцидент да се преиспитаат законските прописи и да се зголемат казните.