Станува збор за површини од над 600 хектари кои се наоѓаат во струмичкиот, велешкиот, ресенскиот и радовишкиот регион и кои претставуваат одлична можност за нови инвестиции во земјоделскиот сектор и зголемување на земјоделското производство во државата.
Од објавените површини кои се доделуваат под закуп како целини најголем дел се однесуваат на велешкиот регион каде се објавени 5 географски целини на земјоделски површини, во радовишко се доделуваат 154 хектари како една целина, во струмичкиот регион се огласени две географски целини и во Ресен каде се објавени за закуп 4 хектари државно земјоделско земјиште.
Согласно огласот право за аплицирање имаат сите домашни физички и правни лица како и странски правни лица кои имаат регистрирано свои подружници во Република Македонија.
Владата континуирано спроведува активности кои значат доделување на слободното земјоделско земјиште на земјоделците. Во досегашниот период имаме реализирано поголем број на огласи кои се однесуваат на индивидуалните земјоделци со цел на обезбедување на нивната лична или семејна егзистенција. Паралелно со тоа работиме на обезбедување можности и за покрупните субјекти од земјоделскиот сектор. Таков е и овој оглас кој приоритетно може да биде предмет на интерес на земјоделските компании односно на оние деловни субјекти од земјоделството кои што имаат поголем капацитет, потенцијал, бизнис план, идеја за инвестиции кои ќе значат проширување на нивниот обем на производство. Целта е обезбедување на нивна поголема профитабилност, а се разбира и обезбедување на нови работни места, рече владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Субјектите кои ќе го добијат земјоделското земјиште истото ќе можат да го користат во период од 15 години доколку го користат земјиштето како ливада, 20 години доколку станува збор за рибник, 30 години доколку одгледуваат долгогодишни насади, оранжериско производство или пак за рурален туризам и до 70 години доколку се одлучат за одгледување лешници.
Сите услови за аплицирање во постапката се детално наведени во објавениот оглас за кој како и досега по разгледување на целокупната документација за исполнување на условите, комплетните понуди ќе пристапат во постапката на електронско јавно наддавање со почетна дефинирана цена во огласот и постапка каде во максимална транспарентна и фер постапка учесниците на огласот ќе можат да се наддаваат за добивање на земјоделското земјиште.
Од причина што станува збор за површини кои се поголеми од 3 хектари, заинтересираните земјоделци и компании ќе биде потребно во приложениот бизнис план да предвидат инвестиции на различните географски целини на земјиште во наредните 4 години, кои согласно условите во огласот се со различна вредност, која се движи од 100.000 евра до 2 ипол милиони евра во зависност од видот на површината и намената на земјиштето.
За во ресенско и радовишко се предвидува изградба на објекти за примарна обработка на земјоделски производи, во струмичко изградба на оранжерии за градинарско производство како и објекти примарна обработка и сушење на земјоделски производи, а во велешко се предвидува на различните географски целини да се инвестира во објекти за примарна обработка на земјоделски производи како и изградба на една винарија.
Сите заинтересирани физички и правни лица имаат можност да аплицираат на огласот во период од 30 денови од денот на објавување на истиот.