Неколку стотини луѓе денеска излегоа на протестниот Марш за женски права кој годинава се одржа под слоганот „Држава што не постапува е држава што силува“. Маршот почна пред Министерството за внатрешни работи, а заврши во паркот Жена борец спроти Собранието.
Активистите носеа црни маски со аплицирана црвена рака која изгледаше како да ги замолчува, а носеа пароли на кој пишуваше „непостапувањето е соучество“, “насилството мора да се казни„ и други.
Тие побараа од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство неодложно да постапат по сите конкретни барања, односно кривичен прогон за сторителите од ’Јавна соба‘, кривични пријави и обвинителни акти против сторителите за делата злоупотреба на лични податоци, посредување во вршење проституција, загрозување на безбедноста или ширење на расистички и ксенофобични материјал по пат на компјутерски систем.
Случајот „Јавна соба“ ја вознемири јавноста неодамна откако групата на комуникациската мрежа Телеграм, првично откриена лани, се покажа дека се уште е активна. Во неа се објавуваа експлицитни фотографии и контакти од девојки и жени. Маршот беше во организација на Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права.
Оттаму упатуваат апел до Владата да ја ратификува Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот за спречување насилство и вознемирување на работниците, која ги заштитува работниците и другите лица во светот на работата. И министерката за труд и социјална политика Шахпаска порачува борбата за родова еднаквост продолжува и нема да престане до исполнување на целта.
„Законот за заштита и спречување од насилство врз жените и семејното насилство е многу значаен за нас како општество. Тој предвидува мултидисциплинарен пристап, во кој ќе бидат вклучени и други министерства“ потенцираше Шахпаска.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не е доволно направено и дека се дозволува дискриминација на жените.
И во 21 век ние говориме и се бориме за женски права и рамноправност во сите сфери во општеството. И ако некој ме праша дали е доволно направено? Секако дека ќе кажам не. И покрај многуте закони во нашата земја, сепак во изминатиов период бевме сведоци на низа дискриминации на жените -вели Жаклина Пешевска – Претседателка на УЖна ВМРО-ДПМНЕ.
Сите податоци покажуваат дека во време на пандемијата има зголемување на семејното насилство за 45%, од кои што најголем број жртви се токму жените.
Инаку во Македонија бројот на жени со завршено високо образование е поголем од високообразвани мажи. Според податоци од Државниот завод за статистика во изминатите 20-тина години, 59 проценти од вкупниот број високообразовани луѓе во Македонија сежени.Секоја година, Меѓународниот ден на жената служи како потсетник дека жените честопати се помалку ценети за својата работа.Она што не се променило во последните години е и фактот дека работата по дома се уште и припаѓа на жената. Дури 37 проценти од домашните активности како подготвување на храна ги вршат жените, додека кај мажите тој процент е 12.