1.8 C
Skopje
четврток, јануари 2, 2025

Државата ќе добие бесплатни тестови, кои граѓаните ќе ги плаќаат по 1.000 денари?!

Во Министерството за здравство ќе пристигне донација од 13 000 брзи тестови кои се најнова технологија со која за 15 минути се утврдува дали кај тестираниот е присутен вирусот Ковид 19. Тестовите ќе бидат дистрибуирани по сите пунктови каде се врши тестирањето. Ова го изјави министерот за здравство Венко Филипче во гостувањето на телевизијата Сител.

– Тринаесет илјади брзи тестови следната недела ќе бидат дистрибуирани по сите пунктови каде што се прават тестирања. Тоа се брзи тестови кои што се готови за 15 минути, тоа се најновите тестови, најновата технологија, со тоа уште повеќе се зголемува капацитетот на сите државни лаборатории и тоа ќе стане и редовна пракса на тестирање, рече министерот Филипче.

Посочи дека добиле голема сума пари со ребалансот на буџетот близу 40 милиони денари и ќе набават близу 100.000 тестови во следниот период за да одговорат на сите потреби.

Во врска со тоа дали нема повеќе да се чека шест до седум дена да се добие тест дури и кога некој има симптоми, рече дека кога имало потреба од итност никој не чекал, болниците имаат апарати за брзи тестови и веднаш реагирале.

– Тие кои имаа индикација за брз тест веднаш беа препраќани во болнички установи или во Институтот за јавно здравје, каде има апарати за брзи тестови. Токму затоа и ова надополнување на тестови кое почнува од средината на неделава, од вторник, среда, сите тестови кои ги добивме со донација ќе бидат веќе дистрибуирани по сите пунктови, потенцира Филипче.

 

Инаку минатата недела директорот на Здравствениот дом Скопје Виктор Исијановски изјави дека брзите тестови ќе чинат 1.000 денари.

 

Тоа значи дека граѓаните тестирањето ќе ги чини вкупно 13 милиони денари или 210 илјади евра, иако сите 13 илјади тестови се бесплатни!