Државата се задолжи 560 милиони евра за последната фаза од пругата кон Бугарија

Државата зеде кредит од 560 милиони евра за последната фаза од пругата кон Бугарија (Крива Паланка – Деве Баир) за која сè уште не е распишан тендер за избор на изведувач на работите. Овој дел, според најавите, треба да почне да се гради штом заврши тендерот кој треба да биде распишан до крајот на годинава.

Министерот за финансии Фатмир Бесими се заблагодари на ЕУ, ЕИБ и ЕБОР за дадената поддршка што ќе овозможи да се заврши овој децениски проект.

„Средствата што ги обезбеди Владата преку ЕИБ, ЕБОР и доделениот грант од ЕУ се навистина од клучно значење за завршување на овој проект, започнат пред многу години. Тој ќе овозможи да ја подобриме железничката инфраструктура, а со тоа да создадеме подобри услови за работа на компаниите, полесен транспорт на стоки и превоз на патници, како и поттикнување на развојот. Овој проект е дел од најавениот инвестициски циклус што ќе се реализира во наредниот период преку јавниот сектор и тој ќе биде истовремено моторот на економскиот раст“, рече министерот Бесими.

Колку време ќе се гради овој дел од пругата засега не се знае. Изградбата на пругата од Куманово до Крива Паланка во должина од 94 километри се гради веќе 30 години. А колку ќе трае изградбата на овој, најтежок дел од пругата кон Бугарија, може само да претпоставуваме.

За да биде комплетна пругата до средината на следната година треба да се заврши изградбата на делот од Куманово до Бељаковце и во 2025 година делот до Крива Паланка. Овие два дела чинат 200 милиони евра, а на нив работат австриската компанија „Штрабаг“ и турската компанија „Ѓулермак“ кои се обврзаа да ги почитуваат роковите за завршување на изградбата.

Целосната инвестиција, според сегашните пресметки, ќе чини 700 милиони евра, а беше најавено дека ќе биде завршена прво до 2025 година, па дека ќе се патува до Софија од 2027 година, а сега не се знае кога е крајниот рок.

 

Покрај овој дел, железничкиот Коридор 8 треба да ја поврзе земјава и со Албанија. Доколку се комплетира железничката пруга, тоа ќе ги зголеми опциите на државите при транспорт на стоки и трговијата, а би влијаело и на бројот на туристи. Се предвидува дека  овој Коридор ќе го олесни транспортот на околу 500.000 тони товар и 500.000 патници годишно, придонесувајќи за подобра поврзаност, климатска отпорност и социоекономски развој на Северна Македонија и регионот.

За да бидат овие придобивки вистините треба да се изгради и транспортен јазол кој ќе ги спојува железниците од двата коридори и аеродромот во Скопје. Засега е најавено дека во рамки на кредитите за железничката инфраструктура се обезбедени 6,7 милиони евра за заеднички железнички премин на Табановце, со Република Србија. Кога, пак, ќе се гради поврзувањето со железницата со Албанија не се знае.

И додека се размислува за коридорот 8 пругите на Коридорот 10 попуштаат, а останатото железничко поврзување во земјава е ставено на ситен бај. Поради ваквата состојба компаниите се помалку имаат верба дека транспортот на стоките ќе стигне навреме до дестинациите и полека се откажуваат од изборот на железницата за опција за транспорт на стоките. Во третото тримесечје од годинава, според податоците на државниот завод за статистика железничкиот превоз на стоки е намален за 32%. Земјава со години нема меѓународен железнички превоз.

 

Унијата, преку своите финансиски институции, даде грантови и ги одобри сите кредити кои земјава ги побара за изградба на пругите. Така е и за последниот дел за изградба на пругата кон Бугарија.

Во текот на последните 10 години, ЕИБ го поддржа железничкиот сектор на глобално ниво со инвестиции од повеќе од 39 милијарди евра, помагајќи да се изградат или надградат речиси 2000 километри пруги и стотици станици. Во Западен Балкан, ЕИБ Глобално е водечки финансиер на стратешките железнички линии и давател на техничка и советодавна помош. До денес, банката има инвестирано над 1,6 милијарди евра во железничкиот сектор, поддржувајќи ги регионалната соработка и поврзаност.

Министерството за финансии во соопштението за овој кредит соопшти дека 500 милиони евра повторно се обезбедени од европските институции

– Обезбедени се финансиски средства во износ од 175 милиони евра од ЕБОР и 175 милиони евра од ЕИБ. За реализација на овој проект се обезбедени и 149,2 милиони евра инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан – ВБИФ, како и грант од ИПА 2 во износ од 60,77 милиони евра. Проектот, исто така, има и ќе продолжи да има корист од техничката поддршка на ЕУ и ЕИБ, вклучително и преку програмата JASPERS за подготовка, тендерирање и имплементација – рекоа од Министерството.

На почетокот на градежните работи на пругата Куманово – Крива Паланка парите исто така беа обезбедени со кредити од овие институции или преку неповратни средства. За оваа делница се користат неповратни финансиски средства од 75 милиони евра од ЕУ преку Инвестициската рамка за Западен Балкан. Лани исто така беше соопштено дека за железничка делница од Крива Паланка до границата со Бугарија се обезбедени 149,2 милиони евра.

Со пари од Европската Унија и потпишани кредити се фалеа и претходните влади во изминатите 30 години, но пругата никако да се изгради. Покрај парите за изградба на овој проект, ЕУ во извештаите редовно не потсетува дека бавно ги реализираме преземените обврски околу реализацијата на проектот.

И додека ние не успеваме 30 години да реализираме железница од 94 километри, соседна Србија го реализира проект „брза пруга“ речиси на целата територија за овие години. Последната најава е дека ќе се гради и делот од Ниш до границата со Македонија, за што заеднички со нас ќе бара пари од Европската Унија.