Државниот архив на Република Северна Македонија ќе се вклучи во одбележување на Меѓународната архивска недела од 6-ти до 10 јуни со промовирање на постигнувањата на институцијата во медиумите, како и со организирање изложба за животот и делото на познат уметник од Прилеп. Соработката со приватните иматели на архивски материјал, како што посочуваат оттаму, се меѓу приоритетите на Државниот архив и во знак на заемна доверба и благодарност ќе бидат доделени благодарници на граѓани кои подарија вредни документи.
-Meѓународниот ден на архивите – 9 Јуни, го одбележуваат сите архиви и архивисти низ светот почнувајќи од 2009 година во организација на Меѓународниот архивски совет (International Council on Archives – ICA), меѓународна невладина организација, која поттикнува унапредување на архивската дејност и го промовира работењето во архивите и заштитата на светското архивско наследство. Оваа организација е формирана во 1948 година и има околу 1.400 членови од 199 држави и територии и остварува блиска соработка со Советот на Европа, УНЕСКО и многу други организации, се вели во денешното соопштение од Архивот.
На овој ден, се додава во соопштението, архивските професионалци организираат низа настани преку кои сакаат да го свртат вниманието на јавноста кон значењето на документите и архивите како институции кои ги чуваат и заштитуваат. Меѓу врвните приоритети на архивите во новото време е отвореноста и достапноста, не само за историчарите, туку за сите граѓани.
-Meѓународниот ден на архивите со годините прерасна во Меѓународна архивска недела и оваа година се повикуваат професионалциите да дискутираат во рамки на вебинарите кои ќе бидат организирани на тема што значи да се биде архивист и што навистина одразуваат архивските записи. Документите содржат раскази за минатото, за сегашноста, а во иднина ќе ни помогнат да разбереме кои сме и што сакаме да бидеме. Генералната тема под која ќе мине четвртата Меѓународната архивска недела е #ArchivesAreYou. Во петте дена посветени на Меѓународната архивска недела #IAW2022, стручни лица од целиот свет ќе се придружат на тематски различните вебинари, информираат од Државниот архив.
Првиот вебинар за членовите на Меѓународниот архивски совет ќе биде на 6 јуни на тема „Нови технологии“.