Претседателот Стево Пендаровски, по повод христијанскиот празник Свети Климент Охридски упати честитка до Господин Господин Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима и до сите верници од православната вероисповед.
– Имам особено задоволство и чест да ви го честитам големиот празник – Свети Климент Oхридски и да ви посакам празникот да го поминете во добро здравје, радост и среќа, исполнети со љубов и хармонија.
Празнувањето на денот посветен на големиот просветител и патрон на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, за нас има многу повеќе од духовно и религиозно значење. Неговата писателска и воопшто научно-образовна дејност е темелот на кој го базираме нашето духовно, културно и општествено постоење. Делото на Свети Климент Охридски ги надминува сите етнички и географски рамки заземајќи неизбришливо место во меморијата на човечката цивилизација и со гордост го споделуваме со нашите соседи и со целиот eвропски континент.
Поучени од хуманизмот, трудољубивоста, посветеноста и чесноста на Свети Климент Охридски, да придонесуваме кон изградба на подобар и поубав свет. Нека ни е честит празникот и за многу години – вели претседателот Пендаровски.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери по повод христијанскиот празник Свети Климент Охридски упати честитка до сите православни верници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
– Дозволете од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и во мое лично име на сите православни верници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, граѓани на Република Северна Македонија, да Ви го честитам големиот христијанскиот празник Св. Климент Охридски, празник на основоположникот на црковниот живот во Република Северна Македонија и ревносен ученик на светите браќа Кирил и Методиј. Неговиот лик и дело е најдобар пример за симбиозата меѓу духовната и просветителската мисија, најдобар пример за тоа како да се допре до срцата и умот на следбениците за да се постават солидни основи за произведување на трајни вредности кои покрај тоа што се значајно наследство за идните поколенија, се и скапоцен дар за светското духовно и просветителско наследство.
Затоа, обврска и чест е посветено да се негува тоа наследство, да се надгради и збогати со сета духовна и просветителска разноликост што е одлика на нашето општество. Просветлувањето на умот и издигнувањето над тесно градното гледање на светот е единствениот пат на обединувањето на граѓаните за напредокот на нашата заедничка држава, Република Северна Македонија.
Почитувани граѓани, уште еднаш Ви го честитам празникот и Ви посакувам добро здравје, мир и радост за Вас и Вашите блиски и сакани – напиша собранискиот спикер во честитката.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска по повод 8 Декември, големиот празникот Свети Климент Охридски упати честитка до граѓаните.
– Денеска одаваме почит и го славиме Свети Климент Охридски, ученикот на Светите браќа Кирил и Методиј и основач на Охридската книжевна школа.
Свети Климент Охридски има непроценлив придонес во етаблирањето на нашата култура. Неговата мисија е директно поврзана со почетоците на македонската писменост и тоа е трајно врежано во нашиот, македонски идентитет.
Го осигуравме признанието на македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Денес, македонскиот јазик е меѓународно признат, покрај во Обединетите нации, рамноправно е застапен заедно со сите други европски јазици и во Европската Унија.
Како што успеал Свети Климент во неговата мисијата, сите ние имаме должност и обврска да успееме во надминувањето на секој предизвик, трпеливо, со храбри дела и со позитивни примери, со разбирање и помагање да ги заштитиме вредностите што нѐ обединуваат како граѓани, како народ и како држава. Да ни е честит големиот празник, Свети Климент Охридски – напиша премиерот во честитката.