Државните фондови за стабилизација најмногу ги мачи геополитиката – истражување

Геополитичките и трговските конфликти им предизвикуваат повеќе главоболки на владините фондови за стабилизација и на централните банки денес отколку инфлацијата, покажува истражувањето на американската инвестициска компанија „Invesco“ објавени во понеделникот.

Инфлацијата во последно време се намалува, а вооружените и трговските конфликти ескалираат, објаснуваат од „Invesco“, истакнувајќи го фактот дека речиси половина од светската популација оваа година излегува на гласање.

„Оваа година е секако изборна година. Геополитиката ја надмина инфлацијата и во краткорочните и во долгорочните прогнози“, заклучува Род Рингроу, водите на одделот за институции во „Invesco“.

Приближно 83 отсто од испитаниците сметаат дека геополитичките тензии се главен ризик во наредната година, а 73 отсто ја сметаат инфлацијата.

Меѓу ризиците во следните 10 години, дури 86 отсто од испитаниците ја истакнале геополитичката фрагментација и протекционизмот. На второто место се климатските промени.

„Климата е мејнстрим денес“, заклучува Рингроу, додавајќи дека државните фондови и централните банки ги тестираат инвестициите во „зелениот“ сектор за да го проучат и проценат влијанието на таквите инвестициски политики.

Доминација на доларот

Меѓу клучните резултати од овогодинешната студија, „Invesco“ ги издвои напорите на централните банки да ги зголемат резервите за да ги ублажат ризиците и да обезбедат простор за маневрирање за интервенирање во случај на нарушувања на пазарот.

Нешто повеќе од половина од испитаниците, 53 отсто од нив, сигнализирале дека планираат зголемување на резервите во следните две години, делумно поради изразената неизвесност во глобалниот економски амбиент, особено во однос на изборите.

„Во моментов сè е многу неизвесно и тоа е мотивот за зголемување на резервите“, цитира „Invesco“ неименуван претставник на западна централна банка.

Меѓу мотивите, испитаниците ги издвојуваат повисоките приноси, бидејќи централните банки ширум светот ги зголемија каматните стапки со цел да ја зауздаат ​​инфлацијата.

Речиси две третини од испитаниците забележуваат и дека зголемувањето на јавниот долг на САД има негативен ефект врз глобалната улога на доларот.

Нешто помалку од една петтина од испитаниците, 18 отсто од нив, сметаат дека доминацијата на доларот во улогата на светската резервна валута ќе ослаби во следните пет години. Во минатогодишното истражување вакво мислење се изјасниле 11 отсто од испитаниците.

И покрај загриженоста за фискалната позиција на САД и можното негативно влијание на ризиците поврзани со долгот, повеќето централни банки не се загрижени за краткорочната перспектива на зелената банкнота.

„Најдоброто што го имаме“

Околу 17 отсто од нив сметаат дека доларот би можел да добие конкуренција за повеќе од 20 години, а 37 отсто од нив проценуваат дека тоа нема да се случи во догледна иднина.

„Доминантната позиција на доларот засега изгледа сигурна, но истражувањето ја открива зголемената нелагодност на централните банкари за ризиците од прекумерно потпирање на зелената банкнота“.

„Значаен извор на загриженост се појави, пред сè, можното вооружување на доларот, што 45 отсто од испитаниците го сметаат за клучен ризик за континуираната доминација на доларот“, откриле авторите на студијата, додавајќи дека таквата проценка е особено изразен меѓу централните банки во Азија и пазарите во развој.

Таквиот став би бил значително зајакнат со конфискација на моментално замрзнатите руски средства и нивно пренесување во Украина за цели на реконструкција, бидејќи тоа би можело да создаде преседан, според „Invescо“.

„Можноста да го претвориме доларот во оружје навистина нѐ загрижува. Видовме дека САД (понекогаш) користат финансиска доминација за да ги постигнат геополитичките цели и затоа сме повнимателни во врска со прекумерното потпирање на доларот во резервите“, го цитира „Invesco“ неименуван претставник на централната банка на Блискиот исток.

Резултатите од истражувањето водат до заклучок дека и покрај овие стравувања, доларот ќе има доминантна улога и на краткорочните и на среднорочните перспективи.

„Доларот можеби не е удобно засолниште, но сепак е најдоброто што го имаме“, рече еден функционер на западната централна банка.

„Златна треска’

Во амбиент на континуирана несигурност и предизвици во потрагата по одржливи алтернативи на доларот, централните банки го сметаат златото за сè поатрактивна опција за проширување на опсегот на резерви и заштита од ризици.

56 отсто од нив сметаат дека златото денес е попривлечно поради ризикот од претворање на резервите на централната банка во оружје, а 48 отсто од нив го истакнале растот на јавниот долг на САД.

Повеќе од една третина од централните банки неодамна го зголемија уделот на златото во резервите, според Инвеско.

„Златото е безбедно засолниште кое не е предмет на осцилации и средство кое влева доверба. Тоа штити од претворање на валутите во оружје“, објасни претставник на азиската централна банка.

Така, 70 отсто од испитаниците веруваат дека златото штити од инфлација, а 60 отсто од нив го гледаат благородниот метал како заштита од геополитички превирања, наведува „Invesco“.