Владата будно ги следи сите состојби, ситуацијата засега е стабилна, но сите институции се подготвени да реагираат доколку за тоа се јави потреба, изјави денес портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.
На денешната владина седница биле разгледувани состојбите во врска со врнежите кои се јавија во овие денови, како и со она што треба да биде направено од страна на државните и локални институции во насока на превенирање на понатамошни загрозувања од природни непогоди или намалување на нивното влијание и санирање на последиците од оние кои беа.
По најавите за нови врнежи денес, Ѓорѓиев нагласи дека сите државни институции ќе имаат дежурни тимови кои ќе ја надгледуваат состојбата и рано ќе алармираат за потенцијани предизвици кои може да настанат.
„Во насока на понатамошно постапување во врска со информациите од УХМР дека се очекуваат врнежи во скопскиот регион, во регионот на Повардарието, северозападна Македонија и југозападна Македонија е дека Владата донесе заклучок со кој сите државни институции и локалните институции на ниво на препорака се обврзани во следните 48 часа да бидат во состојба на мобилност, во состојба на готовност на своите тимови, особено на јавните комунални претпријатија, Водовод и канализација, Комунална хигиена, противпожарните единици, со задача доколку се појави потреба итно да интервенираат на критичните точки кои се веќе лоцирани и да придонесат во намалување на ефектите на евентуалните врнежи кои се очекуваат во текот на денот“, нагласи Ѓорѓиев.
Во однос на санирање на последиците од поплавите, владиниот портпарол истакна дека тимовите на Министерството за здравство веќе дејствуваат и има препораки до населението и институциите, а Центрите за социјална работа на МТСП се на терен и ги попишуваат потребите на ранливите категории на население кои беа загрозени од природните непогоди. Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување останува да биде на готовност за реакција на претстојни предизвици.