Директорот на службата за општи и заеднички работи на Влада (СОЗР), Ивица Томовски најави крај на лошите практики од минатото за користење на државни возила за приватни цели.
Како што објави тој на социјалните мрежи, на седница на Владата, на негов предлог, била формирана комисија составена од СОЗР, Кабинет на Претседател на Влада на Р.М, Генералниот секретаријат, Министерството за финансии, Министерството за внатрешни работи, Министерството за енергетика и Кабинет на Министерот за добро владеење, со цел да започне постапка за измена и дополнување на два важни закона за промоција на транспарентноста и владеењето на правото.
„Законот за користење и располагање со стварите во државна и стварите во општинска сопственост и Законот за возила. Со овие измени ќе се воспостави регистар на сите државни патнички моторни возила кои ќе бидат обележани со регистарски таблици во посебна боја за полесно да бидат забележани од граѓаните“, појасни Томовски.
Како што додава директорот на службата, на овој начин ќе биде оневозможено нивното користење за приватни цели, со што дополнително ќе се зајакне транспарентноста и отчетноста на институциите на државата.