Интегрално соопштение од партијата Демократски сојуз:
Претседателството и Централниот совет на Демократскиот сојуз на денешните седници по сеопфатна расправа заклучија дека програмските приоритети на Демократскиот сојуз усогласени со СДСМ пред парламентарните избори во јули 2020 година, како и во декември 2021 година пред формирањето на Владата со актуелниот состав, не се имплементирани.
Се работи за коренити промени на изборните правила, преку укинување на системските предности за четири партии (две од власта и две од опозицијата), како и клучната промена Македонија да биде една изборна единица. Потоа, за борбата против корупцијата преку департизација на институциите кои работат на откривање на криминалот и донесување Закон за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, реформа во правосудниот систем преку ревизија на работата на судиите и донесување Закон за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка (преиспитување на монтираните полициско-судски процеси).
Меѓу приоритетите се и донесување закон за формиране Фонд за младите од 2% од Буџетот, како и вработување на сите студенти по дипломирањето во јавниот или во приватниот сектор на година дена со просечна плата остварена во претходната година и други. Општинските организации на Демократскиот сојуз имаат и сериозни забелешки на соработката со СДСМ на локално ниво.
По расправата, Централниот совет одлучи на не ја поддржи реконструкцијата на Владата на Република Македонија и нема да биде дел од парламентарното мнозинство.
Демократскиот сојуз и понатаму ќе иницира и поддржува реформи поврзани со евроинтеграциските процеси, со започнатиот скрининг процес, како и со законите кои се во интерес на граѓаните и на државата.
Инаку, Демократскиот сојуз е против најавите за наводен фронт, сојуз за Европа и поделба на граѓаните и партиите кои се „за“ а кои се „против“ ЕУ, поради тоа што и Демократскиот сојуз, но и сите партии и граѓани се за Македонија што побрзо да стане полноправна членка на ЕУ.
Демократскиот сојуз како и досега ќе ги штити стратешките и националните интереси на Македонија и нејзините граѓани.