Дуално образование за конкурента економија, помал одлив на кадри и поголема вработеност

Помалку од десет отсто е невработеноста во земјите кои го негуваат системот на дуално образование, а 70 проценти од најдобрите менаџери во светот минале токму ваков циклус на школство – паралелно учење теорија и стекнување пракса во соодветна компанија. Кај нас се уште владее перцепцијата и стравувањето дека ако средношколците работат додека учат, ќе завршат како чираци, наместо како академски граѓани, беше речено денеска во Стопанската комора на Македонија.

Како да се промени ваквата состојба и земјава да почне со продукција на соодветен стручен кадар, согласно потребите на пазарот на трудот, е една од програмските насоки на Комората за 2016 година.

– Во Македонија се уште доминира неусогласеноста на понудата и побарувачката на работна сила. Само 40 отсто од фирмите оствариле соработка со некое стручно средно училиште. Кај компаниите постои првичен интерес да се вклучат во процесот на дулано образование, но многу од нив не се упатени што тоа всушност претставува, нагласи Софче Јовановска од Стопанската комора, изнесувајќи ги резултатите од анкетата спроведена во јануари годинава.

Дуалното образование, потенцира, директно придонесува за поголема конкурентност на претпријатијата и за намалување на невработеноста, како и на одливот на стручниот кадар.

– Дефицитарни високообучени кадри има во речиси сите струки, но најмногу во рударската, металната, машинската, земјоделската и текстилната, напомена Јовановска.

Во однос на дуалното образование во Европа, предничат Германија, Австрија и Швајцарија. Токму странските инвеститори од овие земји, рече Јовановска, може да бидат иницијатори на ваквиот принцип на школство кај нас.