Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска изрази надеж дека претседателските избори во таа земја ќе се одржат што е можно побрзо, откако владејачката коалиција се согласи да го одложи гласање, првично закажано за 10 мај, поради епидемијата на новиот коронавирус.
Дуда го поздрав договорот меѓу партиите во владејачката коалиција за одложување на изборите.
Владејачката партија Право и правда и другите коалициски партнери доцна синоќа соопштија дека претседателските избори се одложуваат.
Јарослав Качински, лидер на партијата Право и правда (ПиС) и претседателот на мала партија во владејачката конзервативна коалиција Јарослав Говин ја нарекоа нивната одлука „решение што ќе им гарантира на Полјаците можност да учествуваат на демократски избори“.
Претседателските избори беа закажани пред неколку месеци на 10 мај, но пандемијата на вирусот и забраната за движење го оневозможија нивното одржување.
Не беше постигнат договор за алтернативно решение, поради остри конфликти меѓу владата и нејзините противници, кои побараа одложување на изборите поради опасност од ширење на инфекција со коронавирусот.
Партијата на Качински сакаше изборите да се одржат на 10 мај, но со гласање по пошта. Сепак, многумина во Полска изразија загриженост дека изборите може да не бидат фер поради таквото гласање.
Еден месец пред закажаното гласање, односно на 6 април, владејачката ПиС, преку Долниот дом на Парламентот го усвои предлог законот со кој се одобрува гласање по пат на пошта, тврдејќи дека тоа е единствен начин изборите да се одржат на време. Предлог законот беше усвоен после голема полемика околу содржината, кој, како што истакнува „Форин полиси“, е во спротивност со оставната одлука на судот со која се забрануваат промени на изборниот закон на помалку од шест месеци пред гласањето. Горниот дом, на 5 мај го одби предлог законот за гласање по пошта, но Долниот дом, каде Владата има мало мнозинство, сепак го усвои предлог законот со кој се овозможува гласање по пошта.
Дел од полските медиуми јавуваат дека се очекува изборите да се одржат на лето, за неколку седмици, а гласањето да биде по пошта.
Порталот Политико наведува дека поранешни претседатели и премиери на Полска повикале на бојкот на изборите, додека „Европската комисија и странските набљудувачи се се повеќе загрижени“.
Опозициските кандидати бараат одложување на изборите или на бојкот, тврдејќи дека актуелниот претседател, потпомогнат од ПиС, секојдневно се појавува во медиумите, зборувајќи за напорите на владата во сузбивањето на епидемијата на коронавирусот.
Најновите истражувања на јавното мислење покажуваат дека рејтинот на Дуда е подобрен за време на епидемијата, што според аналитичарите, е главната причина што ПиС инсистира на брзо одржување избори.
Поранешниот претседател на Европскиот совет и екс премиер на полска Доналд Туск, кој ја основаше опозициската партија Граѓанска патформа, повикува на бојкот, истакнувајќи дека неодамнешните измени на изборниот закон се неуставни. Во неговиот повик за бојкот се прикучија речиси сите поранешни премиери и претседатели на Полска, кои во заедничко соопштение до јавноста оценија дека процедурата за гласање по пошта „на начин кој беше предожен од владејачката партија, претставува псеудоизбори и оти во нив нема да учествуваат“.