Полскиот претседател Анджеј Дуда следната седмица ќе се сретне со челниците на парламентарните партии, соопштија од неговиот кабинет, додека Полска е во исчекување кому ќе му го довоери составувањето на владата, откако владејачките конзервативни суверенисти победија на изборите но го загубија мнозинството во парламентот.
Опозициските партии кои се наклонети на целосно следење на политиките на Брисел заедно имаат мнозинство по неделните избори, што претставува голем пресврт за Полска, имајќи предвид дека на претходните два изборни циклуса националистичката Право и справедлиост (правда) (PiS) бележеше надмоќни изборни победи. Во изминатиот осумгодишен период Варшава влезе во жестока конфронтираност со бирократите во институциите на Европската унија по прашања кои се движеа од независноста на судството и владеењето на правото до правата на ЛГБТИ лицата.
„Следниот вторник и среда (24-ти и 25-ти) октомври, на повик на претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, во Претседателскиот дворец ќе се одржат консултации со претставниците на поедините изборни одбори…“ објави кабинетот на претседателот на мрежата Х, додавајќи дека состаноците ќе се одржуваат засебно со претставниците на секоја партија, по редослед според резултатите кои се остварени на изборите.
Дуда уште пред изборите рече дека првата можност за составување влада ќе му ја даде на релативниот победник на изборите, што е вообичаена практика. Тоа, според изборите е владејачката PiS, но аналитичарите се сомневаат дека е малку веројатно оти ќе го добие третиот мандат во владата поради тоа што нема доволно коалициски сојузници во парламентот.
Претставниците на трите партии кои најавуваат дека сакаат да коалицираат во идната влада го повикаа претседателот Дуда да не го одложува носењето на одлуката.
„Претставниците на кабинетот на претседателот рекоа дека претседателот има време, но Полска нема време и ова мнозинство очекува тие одлуки да бидат донесени брзо“, изјави Михал Кобоско, заменик на лидерот на Полска2050, дел од коалициската на десниот центар Трет пат.
Меѓутоа, соработниците на Дуда порачаа дека претседателот не брза со носењето одлуки и оти тоа ќе го стори во пропишаната временска рамка.
„Претседателот ја знае својата одговорност и нема да попушти пред притисоците. Владата ќе биде формирана во рокот кој го предвидува уставот, со почитување на волјата на граѓаните“, изјави Малгоржата Папроцка за весникот Rzeczpospolita.
Тоа значи дека процесот на формирање на новата влада во Полска, најголемата земја во источниот блок на Европската унија, би можел да трае со седмици или дури и со месеци, во зависност од текот на преговорите за формирање владејачка коалиција.