ДУИ бара да се разгледаат сите опции, вклучувајќи тајно гласање во Собранието

Доколку Зоран Заев цврсто гази за предвремени парламентарни избори, ќе треба за ова прво да го убеди владиниот партнер Али Ахмети, кој засега е на позицијата дека треба да се убеди ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржи за уставните амандмани.

Ваквиот став на партијата вечерва во гостување на 1ТВ го потврди и вицепремиерот за евроинтеграции, од редовите на ДУИ, Бујар Османи, кој рече дека евентуална опција би било тајно гласање на пратениците, затоа што со самиот повик на бојкот не беше гарантирана тајноста на референдумот, а пратениците што гласаа добиваа закани.

Претходно, анонимен висок владин функционер потврди за 1ТВ и Плусинфо дека премиерот Зоран Заев најверојатно нема да се сретне со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски во врска со  уставните измени за Договорот од Преспа, со што речиси е извесно дека излез од постреферендумската криза ќе се бара во предвремени парламентарни избори.

Според него, Заев и СДСМ немаат намера да ги убедуваат Мицкоски и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните амандмани, особено по децидните ставови на опозицискиот лидер и пратениците дека нема да дадат поддршка за амандманите, како и по испорачаните услови од опозицијата за нов опозициски јавен обвинител, анкетна комисија за референдумските нерегуларности и Пржинска влада со целосен мандат.