ДУИ бара меѓународен ветинг за висока корупција, ВМРО-ДПМНЕ ѝ порача да не се крие зад вакви маневри

По изјавaта на премиерот Христијан Мицкоски дека раководството на Демократската унија за интеграција (ДУИ), наесен, планира да преземе чекори коишто се во насока на дестабилизирање на државата, опозициската ДУИ со став дека станува збор „за лажна пропаганда и обвинувања“ и со предлог за меѓународен ветинг за корупцијата на високо ниво. ВМРО-ДПМНЕ, пак, со порака да се прекине криењето зад ваквите маневри за ветинзи и со најава дека правдата во земјава доаѓа и оти никој не е над законот.

Мицкоски завчера изјави дека располага со информации дека ДУИ, во обид да го заштити капиталот којшто го создаваше изминативе дваесетина години, ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата, но Владата, како што нагласи, има полно право да го брани територијалниот суверенитет и интегритет.

– ДУИ ја загрозува интеретничката слика во државата и претставува закана по мирот и стабилноста на Македонија како држава. Ние како Влада имаме полно право да го браниме територијалниот суверенитет и интегритет, како и мирот на граѓаните. Тоа практично е и целта на една држава. Очекуваме тоа да се случи оваа есен, врз основа на тие информации кои што ги имаме, но да почекаме времето да даде одговор, дали тие информации ќе се потврдат или не, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со косовскиот премиер Албин Курти.

Наводите на Мицкоски ги потврди и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој во телевизиско гостување рече дека се точни информациите пласирани од страна на премиерот.

Тој истакна дека Министерството за внатрешни работи и останатите институции ќе одговорат соодветно во рамки на законските надлежности и нагласи дека граѓаните не треба да бидат загрижени за безбедносната состојба во државата.

– Нормално дека ќе бидат вознемирени, нормално дека ќе гледаат да реагираат и сето тоа би било нормално доколку го прават во рамки на едни демократски механизми, во делот на протести и така натаму, но не е нормално доколку нивната крајна цел е токму дестабилизација, рече Тошковски.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, пак, вчера имаше средба со потесното раководство на партијата, како подготовка за денешниот состанок на Централното претседателство. Како што соопштија од ДУИ, на средбата е дискутирано „за лажната пропаганда и обвинувањата за корупција на високо ниво“.

– Како партија, посветени сме борбата против корупцијата да не се претвори во битка за дневни и партиски интереси, туку да служи за откривање на вистината и спречување на овој штетен феномен. Оттука ги  повикуваме сите политички партии, особено оние на власт, без одложување да се побара од меѓународната заедница мониторинг за сеопфатен ветинг на сите јавни функционери во последните 30 години. Овој чекор е клучен за зголемување на транспарентноста и враќање на довербата на граѓаните. Одбивањето на ова итно барање ќе покаже не само користење на лажни обвинувања за прикривање на вашата неспособност и коруптивност, туку и недостаток на храброст за соочување со вистината за корупцијата во земјата. Ги повикуваме политичките субјекти меѓународната заедница да делува сега за да го поддржи овој процес, стои во соопштението од ДУИ.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, со реакција дека „по толку години власт и пљачка на државата, Ахмети сега сака да си ги спасува внуците кои добија кривична и сите бандити кои беа дел од неговото лично опкружување, а кои станаа милионери со нула капацитет интелектуален и нула напор, само преку кражба на народни пари“.

ВМРО-ДПМНЕ со повик да се прекине со криењето за вакви маневри.

-Доаѓа правда во Македонија и ние ќе ви докажеме дека никој не е над законот! 20 години ја цицавте и уништувавте земјава. Време е да се провери и обелодени што точно сте правеле и вие и сите политичари без разлика на етничка, верска и партиска припадност. За тоа не треба ни меѓународен ветинг, ни бутур. Има закони во оваа земја. Треба само да важат тие закони и да се применуваат за сите подеднакво. Тоа во ваше време не се правеше. Ако се правеше немаше да кажувате вакви панични идеи за меѓународен ветинг. Нема да ве спаси ни ветинг. Тој што крадел ќе одговара. Го прашуваме Ахмети со какви знамиња ќе протестира кога ќе го брани сопствениот криминал со зелени како партија на зелените како што се ребрендираа пред неколку години кога кажаа дека ги решиле сите етнички прашања тука, или со знамиња на ЕУ како Европски фронт, истакнува ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачката партија воедно го повикува лидерот на СДСМ Венко Филипче „да излезе од скутот на ДУИ и да не прави мрачни дилови со оваа партија, со кои се загрозуваат демократијата и правната држава“.

Филипче, пак го повика Мицкоски доколку поседува какви било информации за можна дестабилизација или нарушување на мирот во земјата, итно да ги сподели со надлежните институции, во спротивно, вели, тој станува соучесник или политички фактор кој можеби од таквата состојба има интерес.

– Информациите за дестабилизација кои два дена по ред ги пласира премиерот предизвикуваат немир кај граѓаните, а негова лична одговорност е да превенира таква состојба. Доколку тој сам не ги сподели информациите, ги повикувам истражните органи да поведат постапка и ги истражат овие наводи. Како претседател на СДСМ која е одговорна партија, секогаш се спротиставувам на било какви форми на дестабилизација. Исто така, не смее да се дозволи ниту манипулации со чуствата на граѓаните и предизвикување состојба на тензија, без конкретна акција од страна на државата, вели Филипче.

На прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, го потврди ставот на Филипче и рече дека „премиер кој кажува дека има информации за нарушување на безбедносната состојба и мирот во земјата, а ништо не презема околу тоа е директен соучесник на евентуално сценарио“.

Таа побара Мицкоски неодложно прецизно да се произнесе за ваквите тврдења, а претседателката Гордана Сиљановска – Давкова да го свика Советот за безбедност, додека пак, Обвинителството да покрене истрага и да го повика Мицкоски на сослушување.

На прашањето дали ќе биде свикан Советот за безбедност, од Кабинетот на претседателката за МИА кусо одговорија „не“.

Пратеникот од редовите на коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“, Беким Сали, пак, вчера, изјави дека нема информации за наводно дестабилизирање од страна на опозициската ДУИ и дека не знае со какви информации располага Мицкоски.

– Немам информации за каква дестабилизација и со какви информации располага премиерот. Доколку има информации, има Јавно обвинителство, како што ние денеска се обраќаме, така што, сметам дека институцијата е зад нас да сподели информации, рече Сали во одговор на новинарско прашање, на прес-конференцијата каде побара од Јавното обвинителство да реагира по допрен глас за основано сомнение за „сторена политичка корупција во режија на кадрите на ДУИ во Лотарија“.