ДУИ и ДПА: Хан лично му кажа на Заев дека тој е виновникот

Нова рамка или нов договор за решавање на политичката криза во Македонија, побарал лидерот на ДПА Мендух Тачи од еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, по неуспехот на завчерашната 12-часовна бриселска рунда преговори за надминување на кризата, објави денес весникот „Дневник“.

„Дневник“ повикувајќи се на неофицијални извори од албанските партии во државава. пишува дека лидерот на владејачката ДУИ, Ахмети, за изнаоѓање компромисно решение за излез од тешката криза дури му се заканил на опозицискиот лидер Зоран Заев да не предизвикува со максималистички барања зашто во спротивно, ДУИ уште утре ќе излезе од Влада и ќе има избори во најкус можен законски рок, опција која на СДСМ не и’ одговара.

Според истите информациите, коалициониот партнер на ВМРО – ДПМНЕ, ДУИ ја застапувала позицијата евентуалната преодна влада која би ги организирала и спровела предвремените избори да ја предводи премиерот Никола Груевски.

„Дневник“ понатаму наведува дека откако двете страни не отстапувале од своите позиции, Тачи на работниот ручек со Kристијан Даниелсон, директор на Директоратот за проширување на ЕУ, генералниот секретар на Советот за безбедност и заеднички политики Ален Ле Роа и со амбасадорите на ЕУ и САД во Македонија, Аиво Орав и Џес Бејли им соопштил дека не е заинтересиран за понудата ДПА да биде дел од каква било влада.

„Лидерот на ДПА инсистирал да се почитува и реализира договорената рамка за надминување на политичката криза од состанокот на 2 јуни, одржан во Скопје. Дознаваме дека Тачи инсистирал на договорот од 2 јуни, бидејќи тогаш им било укажано дека во рамката на точките за надминување на политичката криза ќе се разговара за прашањата за Албанците отворени од ДПА“ , пишува весникот.

Откако станало јасно дека ќе нема никаков договор за надминување на политичката криза, Тачи му соопштил на Хан и на присутните дека за ДПА воопшто нема никаков договор, односно дека не важи ни договореното од 2 јуни. Лидерот на ДПА предложил нови разговори за нов договор за излез од политичката криза.

Се лиферува информација дека присутни на средбата се обидувале да му укажат на Заев дека е потребен компромис за да се постигне договор за доброто на граѓаните и на државата. Наводно и лично Хан му укажал на Заев дека тој е виновен за неуспехот на преговорите и дека поради тоа нема поддршка.

Функционер на ДУИ за „Дневник“ брифира дека позицијата на ДУИ е доколку се постигне договор за некаква влада која би ги организирала изборите, таа исклучиво треба да биде политичка, односно некаков вид на широка коалиција во која би партиципирале релевантните партии, предводена од Груевски.

Според интегративците, нереално е барањето на Заев за Влада без Груевски, зашто ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата има изборен легитимитет кој тежи 60 пратеници и второ, Груевски не е само премиер, туку и лидер на партијата и логично е тој да ги застапува партиските интереси во една таква влада.

Според функционерот, за ДУИ не е толку спорно дали владата со ограничен мандат ќе функционира три или шест месеци, туку таа да има строго дефинирана рамка на надлежности што треба да ги реализира за спроведувањето на предвремените избори. А тоа се волја за правна разврска на аферата „Прислушување“ преку собраниска анкетна комисија предводена од опозицијата, прочистување на Избирачкиот список, измени на Изборниот законик, како и смена на раководниот кадар на МРТ.