ДУИ манифестира елементарно непознавање на правото. Прв Вицепремиер не постои согласно закон. ДУИ треба да знае дека Деловник за работа на влада, не може да биде над закон – реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Понатаму додаваат:
Законот познава термин Вицепремиер, не и прв Вицепремиер. Тоа што ДУИ смениле Деловник за Груби да си мисли дека е прв Вицепремиер има значење колку коцките нацртани со креда на улица означувајќи полиња за игра со топка.
ДУИ покрај тоа што многу краделе во минатото, многу и лажеле. Помина времето на лаги.
Согласно џентлменскиот договор во владината коалиција Изет Меџити ќе биде прв вицепремиер во Владата, потврди денеска премиерот Христијан Мицкоски.
– Според законот кој што е важечки Владата односно премиерот има заменици, а договорот којшто го имаме во рамките на коалицијата е да да има прв вицепремиер и тоа ќе биде господинот Изет Меџити. Но тоа е надвор од законот. Законот вели односно подразбира само заменици на претседателот на Владата. Тоа што досега е работено на диво и незаконски, тоа нема да биде пракса во работењето на оваа Влада. Но, да џентлменскиот договор во рамките на нашата коалиција и во рамките на нашето функционирање е таква, рече Мицкоски, кој денеска беше на ставање камен темелник на основно училиште во Драчево.
Прв вицепремиер во минатата Влада беше Артан Груби од ДУИ, а за првпат тој беше назначен како вицепремиер во Владата на 20 август 2020 година во Владата на Зоран Заев.