ДУИ: Не разбираме која е целта за свикување на веќе распуштено Собрание

ДУИ, владиниот партнер на СДСМ, засега не гледа поента за повторно свикување на веќе распуштеното Собрание, велат за Плусинфо од партијата на Али Ахмети. Пратеничката група на СДСМ веќе работи на иницијативата за свикување на Собранието за да се потврдат двете одлуки на претседателот на државата Стево Пендаровски за прогласување на вонредна состојба.

Партијата на Зоран Заев бара поддршка од пратениците за претседателот на Собранието Талат Џафери да го свика Парламентот. Собранието може да се свика и со собрани 20 потписи на пратеници, на барање на претседателот на државата и на барање на владата. Претседателот на Собранието Талат Џафери веќе се изјасни дека не може да се свика седница на Парламент кој е веќе самораспуштен.

Никој досега не побарал пратениците на ДУИ да поддржат иницијатива за свикување на Собранието. Ние ниту сме информирани за содржината на иницијативата, ниту е побарана поддршка или е направена претходна консултација со нас. Откако ќе ја достават иницијативата до Парламентот ќе ја разгледаме. Би било добро каква било иницијатива за актуелната состојба претходно да има консензуална поддршка. Иако не разбираме која е целта за итно свикување на веќе распуштеното Собрание. Одлуки со сила на закон носи Владата. Ако итноста е поради потврда на одлуките на Пендаровски за вонредната состојба, идниот парламентарен состав ќе ги потврди или не – вели висок функционер на ДУИ за Плусинфо.