Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, во „Дејли Клик“ на ТВ21 го коментираше односот на ДУИ, кој потпиша Декларација која најави дека ќе ја испрати до сите меѓународни институции, со цел, како што велат, со коалицијата ВМРО-ДПМНЕ – ВЛЕН „не е испочитувана волјата на Албанците“.
„Сметам дека ДУИ не се грижи толку Албанците и за нивниот стандард и за нивниот начин на живот, колку што се грижи за удобноста на функционерските фотељи во кои ДУИ беа заседнати во изминатите 20 години. И реакциите кои ги произведува се реакции каде се препознава загриженоста на ДУИ од статусот на опозиција. Тоа е проблем на ДУИ, и тоа е дел од демократската игра. Уставот вели дека секој кој има мнозинство од 61 пратеник, има уставно право да формира влада. Ние ќе имаме широка влада поддржана од најмалку 78 пратеници со коалиција со ВЛЕН и ЗНАМ. ДУИ да го прифати ова како политичка реалност, и да престане да ги користи Албанците и да ги омаловажува. Во 2016 година ДУИ тврдеше дека 61 пратеник е уставниот минимум за формирање на влада и ништо друго не е потребно, и треба да си ги видат своите изјави пред 4 и 8 години и дека немаат право да се жалат“, рече Милошоски.
Рече и дека кога нивниот градочалник Рамиз Мерко бил ставен на црната листа на САД, тогаш ДУИ не реагирале, туку сега кога се во опасност да одат во опозиција, испраќаат писма.