9.8 C
Skopje
недела, ноември 24, 2024

ДУИ почна со изборот на кандидати за градоначалници

Актуелниот градоначалник на Липково Еркан Арифи најверојатно ќе биде кандидат за уште еден мандат на чело на оваа општина на претстојните локални избори.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети објави вечерва дека, до Генералниот совет на партијата, ќе го предложи Арифи за кандидат за градоначалник на Липково.

Според Ахмети, Арифи има едногласна поддршка од сите локални совети, ограноци и граѓани затоа што, како што оценува, работел добро за жителите на Липково.

Со ова, владејачката ДУИ, практично, ја почнува постапката за избор на кандидати за градоначалници.

На последните локални избори, во 2017 година, ДУИ настапуваше во коалиција со СДСМ, така што двете владејачки партии излегоа со посебни листи за советници, но со заеднички кандидати за градоначалници во општините со мешан етнички состав. Тогаш ДУИ освои десет градоначалнички места.