ДУИ порачува дека се отворени сите опции за претседателски кандидат

Владејачката партија Демократската унија за интеграција (ДУИ), која до пред извесно време се залагаше за ткн „консензуален“ каднидат, сѐ уште покажува нерешителност и ги разгледува сите опции за претседателски кандидат.

„Разговорите се одвиваат во различни насоки, но сѐ уште нема нешто конкретно, за да кажам кој пат ќе го одбереме – опцијата за кандидат од партијата или опцијата за кандидат кој ќе биде заеднички. Тоа ќе биде прашање што ќе се одлучи или дискутира во следните денови, но сите опции се отворени“, рече вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи по заедничката прес-конференција на ирската министерка за европски прашања, Хелен Мекенти, и на државниот секретар при Министерството за надворешни работи на Финска, Самули Виртанен.

Османи, исто така, посочи дека ДУИ одлучиле да почнат со „процесот на идентификување“ на потенцијален кандидат, но ако „во меѓувреме се создадат предуслови за соработка, тогаш овој разговор ќе се смени од партиски кандидат во еден заеднички“.