Дуковски: Докази нема, само снимка со фамозната торба за Боки однапред да се осуди од јавноста

Во Кривичниот суд денеска одбраната на Бојан Јовановски Боки 13  и на Катица Јанев ги даваат завршните зборови за случајот Рекет.

Адвокат на Боки, Сашо Дуковски во завршниот збор рече дека завршните зборови на обвинителката Вилма Русковска не вреди да се коментираат оти со нив ништо не е докажано само како кафе муабет.

– Рускоска рече дека ова по 27 Април е најтешкиот предмет што го водела, но ако е тоа навистина така овој предмет е брутално насилие, без борба со аргументи и презентација на докази. И ако нешто е битно за ОЈО ако го кажале со висок тон треба да не увери дека тоа е така. Докази не видовме, само снимка од пет секунди на која се гледаат банкноти од по 50 евра и обвинет кој носи торба лесна како перо. Во оваа постапка нема “П” од правна прагма, нема право само буквална политика оти така некој замислил дека така треба да се води. Дајте му на народот леб и игри и тргнете го вниманието од работите важни за битисување на државата. Се криеа докази, не ни се даваа на увид оти така сакал некој, брутално се кршеше законот. Сите бевме сведоци  како во завршните зборови преку мала врата се обиде да протне доказ преку видео и низ целиот предмет се покажуваше фамозната торба за да Боки однапред се осуди од јавноста, рече Дуковски.

Тој посочи дека Бојан Јовановски се гони за перење пари, дело за кое обвинителството прикажува докази од 2017 година, а се обвинува за дело кое било сторено во 2018.

 

-На снимките не видовме никаде дека Боки ги примил парите, а торбата во која наводно имало милион евра во банкноти од 50 евра, таа, според спецификациите на Европската банка, истите би требало да тежат најмалку 19 килограми, а торбата Кичеец ја носи како перце. Од друга страна, Камчев е таков човек што сигурно би ги обележал парите, а секако би имал и снимка на која се гледа дека Боки ги зема парите, па очигледно дека е фингирана снимка, рече Дуковски.

Тој забележа дека во овој судски процес немало вештачење, иако и во текот на судењето одбраната постојано бараше да се вештачи телефонот на Јовановски. Исто така и дека судечкиот совет прифатил докази кои ги предложило ОЈО, како на пример ауди снимки од едно место, а со видео снимки од друг настан.

-Во еден момент видовме снимка од ресторан во кој седи Кичеец со адвокат и брат на врвен политичар, а обвинителката веднаш ги брани и не убедува дека се непознати лица, а сите добро знаеме кои се истите, рече Дуковски.