Дури 600 полицајци ќе го обезбедуваат мечот од кошаркарската Евролига во Париз

Париската полиција официјално објави дека 600 припадници на безбедносните сили ќе бидат одговорни за непречено одвивање на кошаркарскиот натпревар од Евролигата во четврток меѓу Париз и Макаби Тел Авив.

Оваа средба е означена како високоризична од париската полиција, со 4 на скала од 1 до 5, а била констатирана и сериозна закана од терористички напади или секакви руги конфликти.

Со месеци специјално се обезбедуваат натпреварите на француска територија во кои учествуваат израелски клубови или репрезентации. Околу четири илјади полицајци и чувари на редот беа распоредени во ноември минатата година кога Париз беше домаќин на фудбалскиот натпревар од Лигата на нации меѓу Франција и Израел.

Инцидентот се случи на кошаркарскиот натпревар меѓу Нантер и Хапоел Холон во средината на декември минатата година, кога навивач истрча кон центарот на теренот веејќи палестинско знаме. Следуваше општа тепачка и бројни апсења.

Кошаркарскиот натпревар меѓу Париз и Макаби ќе се одржи во салата „Порте де ла Шапел“ или „Адидас арената“ која може да прими осум илјади гледачи. За израелските навивачи обезбедени се илјада билети. Дуелот започнува во четврток, во 20 часот и 30 минути.