Душко Чифлиганец: Не постои универзален пат до успехот, секој успех има уникатни маневри

Има само 25 години, а веќе има доста искуство во бизнисот. Ко-сопственик е на компанијата за органска храна „Midway Middle East“ во Дубаи, а во Македонија е заменик генерален директор и главен двигател на иновативноста во „Адора инженеринг“.

Мораш да знаеш што правиш, и да веруваш дека тоа што го правиш вистинското. Да не дозволуваш мислењето на оние, кои тешкото го нарекуваат невозможно, да допре до тебе. Амбицијата секогаш помалку да ти го надминува талентот, бидејќи само така ќе го извлечеш максимумот од себеси, вели Душко Чифлиганец, заменик генерален директор на „Адора инженеринг“, во интервју за friday.mk.

Во продолжение ви пренесуваме дел од интервјуто:

Што е според тебе пресудно за успехот и за да се успее во она што се работи?

Успехот е многу деликатен склоп на околности. Секој успех е индивидуален. Доколку нашата појдовна точка е поволна, освен мудрост, за успех и не треба многу. Доколку почнуваме од нула, тогаш е целосно друга приказна, во тој случај, потребно е многу пожртвуваност и посветеност. Секако, покрај другото, верувам дека ќе се сложите дека во секоја успешна приказна е присутен и елементот на среќа. Ќе почнам од мојата приказна. Мојот досегашен успех се заснова на огромната семејна поддршка на моето школување и личниот развој и на богатата бизнис подлога на моето семејство. За мојот иден успех постои јасен пат и цел. Јас треба да го сочувам она што моите родители го создале, и секако да го надградам. Доколку сум само доволно мудар, паметен и вреден, доколку успеам да држам чекор со новите бизнис трендови и сум способен да ги искористам иновативните бизнис алатки на новото време, тоа и не е така тешко. Меѓутоа, во исто време и одговорноста е голема. Јас сносам огромна одговорност за бизнисот што би го наследил, додека некој што би почнал од нула, нема никаков товар, одговорност, ниту пак очекувања од него. Затоа сметам дека не постои единствена магична формула за успех, бидејќи секоја успешна приказна е различна равенка. Секој пат кон успехот бара свои уникатни маневри. Меѓутоа, еве ќе резимирам неколку карактеристики што мислам дека можат позитивно да придонесат кон сечиј успех. Мислам дека за успех е потребна јасна визија и верба. Мораш да знаеш што правиш, и да веруваш дека тоа што го правиш вистинското. Да не дозволуваш мислењето на оние, кои тешкото го нарекуваат невозможно, да допре до тебе. Амбицијата секогаш помалку да ти го надминува талентот, бидејќи само така ќе го извлечеш максимумот од себеси. Во неколку наврати имам изјавено: „Тој што вика дека може, и тој што вика дека не може, најчесто, и двајцата се во право”. И тоа е токму така. Понатаму, мораш да бидеш праведен. Да расудуваш разумно. Да му дадеш приоритет на долгорочното пред краткорочното. Да не се подлажеш да правиш нешто незаконски, како за возврат би успеал. Таа стратегија е краткорочна, а и кога би успеала, тој успех за мене нема сласт. Секогаш да даваш нешто повратно за заедницата и да помогаш кога ќе можеш. Заедницата го препознава тоа, а секако и пред самиот себеси, помагањето ни дава понатамошна желба и енергија. Помагањето на другите е задоволство, помагањето  е успех самото по себе. Да останеш човечен, и да им оддадеш признание на оние кои ги граделе скалите кон успехот заедно со тебе. Човек сам не може ништо. Силата е во тимот околу себе. И што е многу важно, мислам дека за успех во денешно време, треба да си лесно и брзо прилагодлив, флексибилен. Живееме во исклучително динамично време. Приликите и трендовите денес се менуваат од ден во ден, од миг во миг. Денешните вести, утре не важат. Ако некому пред 10 години му кажев дека денес Nokia нема да постои, веројатно слатко ќе се изнасмееше. Но денес, тоа не е шега, туку вистина. Мораме да изградиме способност, многу внимателно да ги следиме трендовите и да изградиме организација и структура на делување, која се адаптира лесно на различни работи. А оној, кој ќе успее да ги предвиди трендовите предвреме, тој ќе биде најуспешен.

Како изгледа еден работен ден на Душко Чифлиганец?

Многу променливо. Пред сѐ, работниот ден во Дубаи и работниот ден во Скопје се разликуваат во целост. Меѓутоа, ете, бидејќи сме во Македонија, ќе пробам да Ви доловам нешто повеќе околу работните обврски тука. Нашата работа, градежништвото, е бизнис кој има многу широк опфат на активности. Изградбата на една недвижност се состои од наоѓање локација, проектирање на објектот, правење инвестиционен план, изведба на проектот, собирање и одработка на целата документација и секако маркетинг и продажба на производот. Сите овие активности захтеваат исклучително обемна работа, но најпредизвикувачко од сѐ е тоа што сите од нив се од многу различна природа. Секако, јас не ги работам сите овие активности сам. Напротив, Адора инженеринг има исклучителен тим, кадешто секој член на тимот има многу прецизна и одговорна работна задача, и речиси секогаш истата ја завршува беспрекорно. Меѓутоа, како еден од клучните луѓе во менаџментот на компанијата, сум активно вклучен и присутен во секој од овие процеси. Така што, на пример, еден мој работен ден може да помине во целост на градилиште заедно со тимот архитекти и инженери, кадешто мораме да донесеме одлука околу некое конкретно решение или избор на одреден материјал. Следниот ден, може да поминам и до 12 часа во канцеларија, работејќи на изготвување на маркетинг кампања, заедно со маркетинг тимот. Додека третиот ден, може да е комбинација од сите аспекти на работењето кои што ги споменав погоре. Уживам да сум активно вклучен во работата и секогаш имам желба и инсистирам освен менаџирањето со луѓето, јас конкретно да учествувам во работата и секако да научам што повеќе од луѓето кои се цврсто докажани, секој во својот аспект од работењето. Вистинскиот лидер секогаш стои напред.

Се’ уште си доста млад, а веќе имаш искуство со работење во различни бизнис заедници, може ли да направиш една споредба како е да се биде дел од бизнис светот во Дубаи и како е кај нас? Колкава е разликата?

Видете, постои една огромна разлика помеѓу мојот работен ангажман во Македонија и во Дубаи. Во Македонија, моето работно место е втор или трет човек на цврсто етаблирана компанија, со огромно искуство, прецизно утврдени процеси на работење и тим од 400 луѓе. Компанија, која одамна пред јас да се приклучам во тимот, ги поминала сите детски болести. Додека во Дубаи е речиси комплетно спротивното. На почетокот на моите деловни обврски во Дубаи, мојата компанија беше старт ап. Денес, компанијата се’ уште минува низ фазата на воспотавување на начинот и процесите на работење, етаблирање на пазарот, билдање на својата пазарна моќ и сл. Така што, може да се каже дека природата на мојата работа во Македонија и моето работење во Дубаи се од прилично различен карактер, што секако пружа целосно различно деловно искуство. Но, како и да е, сепак можам да Ви доловам одредени разлики во работењето тука и таму со кои се соочив без оглед на компанијата за која станува збор или на мојата работна позиција. Во Македонија повеќето луѓе кои го сочинуваат најголемиот дел од деловниот свет се македонци, додека во Дубаи деловниот свет го сочинуваат луѓе со повеќе од 200 националности. Ова е причина, ниту една група на луѓе да не е во можност да наметне свој усвоен начин на работа, туку сите да мораат да се прилагодат на начинот и правилата на дејствување кои ги наложува општеството. Исто така, драстична разлика во бизнис светот е воочлива во нивото на кое политиката е застапена во работењето, функционирањето и живеењето. Во Македонија, за жал, сите ние ќе се сложиме дека политиката е застапена во огромна мера во секој аспект од живеењето. Барем од кога јас почнав да работам, политичката криза е присутна на еден или на друг начин во државата, што секако прави поделеност на општеството и делува деструктивно на бизнисот. Дури и во услови кога не постои политичка криза, вообичаено имаме три пати избори во рок од пет години, за избор на пратеници во парламентот, претседател на државата и градоначалници на општините. А секако, во период на избори, акцентот е задолжително ставен на политика. Така што, колку и да сме фанови на демократијата, од лично искуство можам да ви кажам дека монархијата, која што е впрочем политичкиот систем кој ги уредува Обединетите Арапски Емирати, има свои предности. Во Дубаи речиси и да нема политика. Политички партии не постојат. Државата ја води Шеик, којшто ја обавува функцијата сѐ  до неговата смрт, по што го наследува еден од неговите синови. За среќа, Шеикот којшто го раководи Дубаи е многу остроумен човек и лидер каков што секоја држава во светот може да посака, наречен Шеријат. Колку ова да Ви се чини можеби и смешно, верувајте ми, во реалноста е многу практично. Луѓето апсолутно не се фокусирани на политика, туку исклучиво на работата. Третата разлика којашто истотака може да се каже дека произлегува од политичкото уредување на државата, е правниот систем и успехот на имплементација на истиот. Правниот систем во ОАЕ е микс од британското право и исламското право, наречено Исламското право е она што го прави овој правен систем многу строг. Во Дубаи, последното нешто што сакаш да го направиш е да го прекршиш законот. Секое кршење на законот во Дубаи, во ниту еден случај не ги оправдува последиците. Ова резултира со огромна дисциплина во секој аспект, како во  живеењето, така и во работењето, која важи за сите. Ако треба да издвојам, овој аспект од делувањето во Дубаи и Обединетите Арапски Емирати, би го издвоил како најважен и можеби најзаслужен за позицијата што ја има Дубаи денес, на светската мапа.

Како се роди приказната за бизнисот со здрава органска храна во Дубаи?

Главен „виновник“ за раѓањето на оваа идеја и бизнис приказна е мојата драга пријателка и воедно бизнис партнерка, госпоѓата Катарина Ѓошева-Чешларов. Катарина е пријател кој навистина ретко се запознава, меѓутоа уште повеќе личност која ако треба да се опише со еден збор, „workaholic” веројатно би бил најадекватниот. Со други зборови, личност која ужива во многу работи во животот, но најмногу во работата. Кате е родена во Македонија, но живее на Блискиот Исток околу 15 години, каде била на глобални директорски позиции во компании како што се Wrigley и Mondeliz, односно производителите на Orbit гумите за џвакање и Milka чоколадите, со огромно искуство на корпоративно ниво во прехранбената индустрија. Јас и Кате развивме одлично пријателство за време на моите бизнис студии во Дубаи. На последната година на моето студирање, Кате одлучи да ја напушти својата работа и да се посвети на реализирање на повеќегодишната идеја за дистрибуција на здрава и органска храна на Блискиот Исток. Јас ја препознав таа идеја како бизнис со огромен потенцијал и можност за позитивен импакт во општеството. Така се роди нашето бизнис партнерство кое го носи името Midway Middle East, компанија којашто во 2017-тата година го доби признанието Best Nutritional Food & Beverage Provider in MENA Region од престижната организација MEA Markets. И покрај огромниот иницијален успех кој го имавме како компанија и исклучително силниот старт на бизнисот, Midway е се’ уште млад бизнис, кој во иднина имаме цел да доживее значителен развој и да остави дополнително силен печат во општеството и заедницата на Блискиот Исток.

Како добитник на наградата „Млад менаџер на годината“, може ли да ни кажеш колку според тебе младите кај нас се подготвени да ризикуваат за успех?

Сметам дека ова прашање има подлабока позадина и треба да се погледне од малку поразлична перспектива. Не можеме да дознаеме колку младите се подготвени да ризикуваат за успех, сѐ додека не оцениме правилно колку општеството нуди услови за успех? Секој ризик, доколку е паметно изведен, треба да е калкулиран ризик. Не сметам дека младите треба да ризикуваат, доколку средината не нуди клима поволна за ризик. Јас сум бизнисмен. Јас би ризикувал, доколку бизнис климата е поволна. Доколку не е, не е паметно да ризикувам. Ова важи за сѐ. Дали мислите дека германците природно, односно генетски имаат предиспозиции да бидат подобри инженери на автомобили одколку македонците? Не. Туку, личниот развој ги прави подобри инженери на автомобили. Германија ја има една од најјаките автомобилски индустрии во светот, па така многу е логично зошто и народот го бидува за дизајнирање и производство на автомобили. Или, дали Шпанците се раѓаат добри фудбалери? Верувам дека не. Можеби како нација имаат одреден талент за фудбал, меѓутоа, мислам дека клучот кој стои позади нивниот успех во фудбалскиот свет, е во инвестициите и развиеноста на домашната фудбалска култура. Тоа што сакам да кажам е дека сите луѓе се раѓаат еднакви. Како што објаснува Џон Лок во својата теорија, умот на секој човек при раѓањето е Tabula Rasa, или празна табла. Како што се одвива животот, така општеството во кое живее и се развива конкретниот човек, ја испишува таа табла на еден или на друг начин. Да бидам јасен кон вашето прашање. Не сметам дека младите луѓе доволно ризикуваат, или подобро кажано, дека доволно се трудат за да успеат. Но, исто така, мислам и дека не е вината целосно во нив. Општеството треба да им даде желба за да успеат. Треба да се даде доволно надеж. Треба да создадат можности за успех, па потоа младите да се натпреваруваат кој ќе ја зграпчи таа прилика. Треба да се создаде правичен свет, во кој ќе се даде акцент на креирање на што поеднакви можности за сите. Уште од најраното воспитување, школување и најмала возраст, треба да ни се врежат некои основни вредности, коишто остануваат во нас засекогаш. Да се оттргне насилството, да се изгради фер натпреварувачки дух, да им се даде чувство на припадност и гордост кон оваа држава Македонија, да се создаде силна економија и да им се даде до знаење на децата и на младите луѓе, дека во иднина квалитетот на животот во оваа држава ќе зависи токму од нив. Да имаат одговорност дека утре во нивни раце ќе биде една држава, достојна за почит. Духот што јас го поседувам во мене е духот на Дубаи. Духот да размислуваш на големо. Духот дека утре мора да си подобар од денес, духот дека живееш во најбрзорастечкиот град на светот, верувањето дека иднината на Дубаи, светла или темна, зависи од мене, размислувањето дека невоможно нема, фактот дека од пустина израснал град не само за почит, туку град што се коси со реалноста. Не сакам да звучам песимистички, меѓутоа сѐ ова што кажав е наша заедничка борба и задача. Не сметам дека сме најлошата држава на светот. Оваа држава има свои вредности, предности и убавини, има одлична местоположба и огромен потенцијал во одредени бизнис сфери. Јас сум горд што сум македонец, но сметам дека има простор, подобро да се искористи потенцијалот. Еден човек е толку добар колку што е добро неговото образование, знаење и мудрост. А тие вредности, доаѓаат од средината во којашто растеме и се развиваме. Младите луѓе се на потег да го изодат својот пат, но насоката треба да дојде од оние малку поискусните.

Како успеваш да направиш баланс помеѓу приватните и работните обврски?

Денес, балансот е клучен, но и најпредизвикувачки фактор за успех. Работата, за жал многу често заборава дека ние луѓето пред сѐ, на овој свет сме за да живееме, така што наметнува темпо и динамика на работа каде што човекот би требало да биде компјутер кој што работи нон стоп, без паузи за да постигне сѐ што е потребно да се сработи во дадениот рок. Ако навистина го посакуваме успехот и сакаме да отскокнеме од другите како би биле исклучително признаени, мораме да го прифатиме и да се справиме со тој обем на работа и обврски. Во исто време, ние и да кажеме дека сакаме, не можеме да сме компјутери. Еден компјутер може да работи можеби и 5 години без да биде исклучен, но не и нашиот мозок. На нашиот ум му е потребен сон, релаксација, промена на енергијата и одмор од работата како би работел непопречено и продуктивно. За мене, балансот помеѓу работата и одморот не е нешто што го сметам како луксуз или уживање. Напротив, балансот за мене претставува алатка како би останал способен за продуктивна работа. Доколку не успееме да го релаксираме својот ум во потребната мера, што е лично прашање и зависи исто така од типот на нашите обврски, не сметам дека можеме да работиме креативно, прецизно, јасно и доволно силно во континуитет. Тука, на сила стапува клучниот дел од сижето кое води до успехот, наречен ТИМ. Клучот до успешеното балансирање помеѓу работните и приватните обврски на еден современ менаџер лежи во квалитетот на тимот кој го има околу себе. Јас сум менаџер. Во идеални услови, мојата работа е да менаџирам со луѓето кои го сочинуваат тимот. Доколку мојот тим, слично на мене, дели остар, прецизен, креативен, иновативен, и полн со ентузијазам mindset, тогаш работата е лесна и балансот е возможен. Доколку тимот не може да одговори професионално на обврските кои јас како менаџер ги делегирам, односно не ги сработи со истиот квалитет како кога јас би бил целосно присутен, тогаш веќе мојот капацитет е ограничен само на онолку колку што јас лично можам да сработам, и почнува да се компензира од идеалниото ниво на баланс. За среќа, мојот тим се состои од луѓе со кои што да се работи претставува вистинска чест, привилегија и задоволство.

Како млад претприемач, можеме да видиме дека водиш грижа за својот изглед. Колку е важен стилот на облекувањето и вкупниот изглед во бизнис светот?

Мислам дека изгледот и начинот на облекување нема суштинско значење за успехот во работата. Тоа што јас имам желба понекогаш да се дотерам и да бидам убаво облечен, е мој личен мерак и можеби придонесува да се чуствувам подобро за себе. Меѓутоа, ако некој смета дека убавото и стилското облекување, секако ако не се работи за личност од светот на модата или шоу бизнисот, значајно ќе придонесе кон неговиот успех, сметам дека има малку погрешна перцепција. Во работата, луѓето гледаат што ќе направиш или создадеш, слушаат дали ќе кажеш нешто што позитивно ќе придонесе, ја  вреднуваат твојата способност за извршување на обврските. Секако, кога ке дојдеш на работа, колегите може да те пофалат дека си убаво облечен и секој ужива во друштво  на стилски дотерани луѓе, меѓутоа, доколку твојата убава облека не е поткрепена со вештина во извршувањето на обврските, модата паѓа во вода. Меѓутоа, сметам дека сите кои се дел од деловниот свет мора да се прикладно облечени, односно мора да се почитува усвоениот кодекс на облекување во согласност со приликата.

Дали сметаш дека претприемачкиот дух е нешто што треба да се поседува или е нешто што може да се научи?

Не можеме да оспориме дека талентот како појава постои и дека тој што е талентиран има одредена предност во споредба со помалку талентираните. Како за сѐ друго, верувам дека постои и талент за претприемаштво. Меѓутоа, исто така, сигурен сум дека напорната работа секогаш може да го победи талентот. Талентот е појдовната точка. Како го храниш, односно како го тренираш својот талент е она што навистина прави разлика и е пресудно за успех. Така да, сметам дека она што навистина е од најголема важност, пред сѐ се напорите кои се вложени во нашето воспитување, правилното школување, личниот развој и континураната надградба, желбата за тоа што го правиме, посветеноста и ентузијазмот. Ова важи за сѐ во животот, вклучувајќи го и претприемништвото. Со доволно цврста желба и истрајност, нема нешто што не може да се научи или совлада.

 

Целото интервју можете да го прочитате на FRIDAY.MK