СДСМ е главниот извор на лажни вести во Македонија, и тоа почнувајќи од нејзиниот лидер Зоран Заев, па продолжувајќи преку останатите функционери во партијата. Досега кажаа многу „вистинити“ лаги во името на народот, на држвата, на вистината… Eпилогот е евидентен – јавноста е излажана, а на СДСМ-овци не им фали ништо.
Во пласирањето лажни вести Владата и политичарите од СДСМ се неприкосновени лидери, и тоа на големи теми, а, за жал, засега нема никаква одговорност за тоа, дури и се прават „на Тошо“ и си свиркааат во неофицијално почнатата кампања и повторно кажуваат срцепарателни ветувања, лажења.
„Од вчерашниот ден на носачот на авиони „Хари Труман“. На авионот зад нас од ескадрилата на САД аплицирано и нашето знаме. Членството на НАТО на дело“, напиша гордо Радмила Шекеринска на Фејсбук, по посетата на државниот на американскиот носач на авиони, а всушност сликајќи го знамето на сојузната држава Аризона.
За кусо време Шекеринска стана предмет на потсмев кај јавноста и на социјалните мрежи.
Ова е една од поголемите лажни вести пласирани директно од раководството на СДСМ.
Најголемата лажна вест, пак, е на сега веќе за среќа поранешниот премиерот Зоран Заев во интервју за „Дојче Веле“ на македонски јазик на 30 јуни 2018 година ја оцени како „историска“ одлуката на ЕУ за датум за отпочнување преговори за членство на Македонија и Албанија, оценувајќи оти консолидацијата на ЕУ ќе биде довршена дури кога Унијата ќе го прифати Западен Балкан.
На прашањето дека има различни интерпретации на одлуката на Еврокомисијата и оти Владата тврди дека станува збор за историска одлука, додека критичарите оценуваат дека во прашање е само уште едно одложување и разочарување за Македонија, Заев оценува дека „не постои некој друг опис на одлуката, освен фактот дека е историска“.
– Добивме датум за преговори – јуни 2019. Дотогаш, заедно со нашите пријатели и партнери од Европската комисија, заеднички ќе работиме на остварување на критериумите, односно на имплементација на фазите од Договорот со Грција и финализација на реформите. Многу сме блиску до нашата цел да ги достигнеме стандардите на ЕУ, рече Заев.
Кажа-излажа Заев и остана жив!
Во прилог историската фотка пропратена со најголемата лажна вест на СДСМ, во историјата на независна Македонија.
А, пак, пратеникот на СДСМ и поранешен генерален секретар на владејачката партија, Александар Кирацовски, тврдеше дека не го познава Боки 13 откако експлодираше аферата „Рекет“, во која се спомнуваше и тој. Даде и исказ во Обвинителството за овој предмет.
„Јас сум повикан за еден мал сегмент. Тоа со Камчев, Кичеец, Катица не се дискутираше со мене. Ниту ги знам ниту ги познавам“, рече тогаш Кирацовски и додаде дека никогаш не бил дел од структурите на Меѓународниот сојуз и дека не бил посредник на првоосомничениот Бојан Јовановски во проектот за изградба на старски домови.
„Како политичари комуницираме со многу личности, но тоа не им дава право тие да прават криминал. Од нас многумина бараат да се фотографираат и се надевам многумина тоа не го злоупотребуваат. Сликањето не е злодело“, посочи Кирацовски, додавајќи дека само еднаш се фотографил со Боки 13.
Арно ама, се појавија фотографии од Кирацовски и Јовановски во добро расположение, при што тој свири на гитара, а Боки му пее на увце. Е па, очигледно „не се познавале“.
Дополнително, на едно од рочиштата за случајот „Рекет“, асистентката на Боки 13 во своето сведочење кажа дека Кирацовски доаѓал во домот на првообвинетиот Боки 13.
И за оваа лага СДСМ и Кирацовски немаа храброст да се одважат и да се извинат на јавноста.
Во 2017 година од сите фанфари се трубеше дека е утната работата на трасата на автопатот Кичево-Охрид. Градежните работи на двете автопатски делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид се сопрени, потврди тогаш Заев, при средбата со кинеската амбасадорка Лин Лисјен, а соопшти Владата.
Тогашниот премиер Заев не сакаше да открие кои се проблемите поради кои е сопрена изградбата на двата автопата додека новиот министер за транспорт и врски Горан Сугарески не подготви детална информација, но за дотогашните сознанија ја информирал кинеската амбасадорка.
Официјалната информација тогаш беше дека на делницата Кичево – Охрид дошло до несовпаѓање на проектираната и веќе изведената траса, па затоа градежните активности биле сопрени на неодредено време.
Владата на Никола Груевски најавуваше дека автопатот Миладиновци – Штип ќе чини 206 милиони евра, а автопатот Кичево – Охрид – 374 милиони евра. Во меѓувреме, под менаџерските „способности“ на СДСМ, изградбата на автопатиштата поскапува, бидејќи договорот со Кинезите бил потпишан во долари. Поради курсни разлики државата требаше на кинеската банка да ѝ плати 17 милиони евра повеќе.
За проблемите во изградбата на автопатиштата, премиерот Заев ја информирал кинеската амбасадорка Лисјен. Во владиното соопштение од средбата со амбасадорката се наведуваше дека „повеќемесечниот застој на изградбата на автопатиштата е предизвикан од грешки во проектирањето, ненавремено решавање на имотно-правни односи на автопатот кон Штип и од изместување на трасата кон Охрид“.
Не беше опзицијата таа која ја демантираше оваа лажна вест на Владата, туку градоначалникот на Штип од редовите на СДСМ, Благој Бочварски. Тој, како претседател на комисијата за транспорт и врски на СДСМ, на 4 ноември минатата година гостуваше на ТВ 24 и пиртоа призна дека Зоран Заев и СДСМ лажеле кога велеле дека е промашена трасата на автопатот Кичево – Охрид. Да нагласиме дека Зоран Заев три години свесно ја манипулираше јавноста дека наводно била промашена трасата.
„Не може бандитските работи на автопатите криминално да ги продолжиме заради тоа што мора да знаат граѓаните дека цела траса е промашена на патот Охрид – Кичево, проектот и она што е вистинската траса. Не може да не знаат граѓаните дека тоа што претставува нерешени имотно – правни односи заради провизијата, брзајќи да се реализира нанесува огромни штети врз Република Македонија и врз буџетот на граѓаните на Република Македонија“, изјави тогаш Зоран Заев како премиер на Македонија.
„Од друга страна за Кичево-Охрид, да, се согласувам дека не била промашена трасата. Можеби тоа е терминологија која што се употребуваше и не од СДСМ, туку и од граѓаните и од медиумите, можеби била преземена од некои од СДСМ“, изјави Бочварски.
Оваа лага е долга колку еден автопат.
Според изјавите од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Заев и СДСМ лажеле дека е промашенаа трасата и на тој начин без тендер за анекс на договорот за градба да испумпа нови над 180 милиони евра од буџетот на државата.
Монструозно пласирана лажна вест, играјќи со душите и неспокојот на родителите и роднините на убиените деца и рибарот кај Смилсковското езеро.
Од позиција на опозиција Заев ладнокрвно рече:
„Имам докази за Монструм“!
Една година подоцна, сега Заев како премиер, во април 2018 година вели:
„Немам никакви докази за Монструм“.
Играјќи на картата на чувствата, преку овој случај, потоа оној со Мартин Нешковски и редица слични некрофилски случаи, доби поприличен број на гласови на парламентарните избори.
Во скандалозното интервју во месец мај 2017 година, дадено за српски „Курир“, претседателот на СДСМ Зоран Заев отиде дотаму што тврдеше дека осудените во „Монструм“ биле невини, односно дека немало никакви докази оти тие се виновни.
Запрашан дали има докази кои расветлуваат што се случило на Смилковското езеро каде се убиени четири деца и еден риболовец, Заев одговара:
„Постојат разговори кои покажуваат дека за луѓето кои се во затвор нема никакви докази за тоа. Во разговорите не постојат докази кој тоа го направил, но постои сомнение дека власта е вмешана“.
И одговорот на пратеничко прашање на Заев е поинаков од позиција на премиер во врска со доказите за убиството кај Смилковското езеро.
„Ако имавме докази Зоран Заев ќе ги објавеше бомбите до крај, таму има сериозни индиции, вклучитено и разговорот на обвинетиот Фејзи Азири со градоначалникот Бејта за да му бидат исплатени субвенции“, одговoри премиерот Зоран Заев на пратеничко прашање од пратеникот Зоран Илиоски од ВМРО ДПМНЕ за петкратното убиство кај Смиљковци.
Илиоски праша дали премиерот „чувствува макар морална одговорност што цело време манипулираше со разговорите за случајот „Монструм“, играјќи со судбината на родителите на убиените момчиња, за на крај да им каже дека во „бомбите“ всушност се разговарало за субвенции“.
СДСМ и коалицијата на главниот предизборен митинг на Локалните избори 2017 година во Скопје Заев и најави на сопартијците:
„Да ви најавам дека тенкот, мерцедесот на Груевски од 600.000 евра ќе го вратиме и со парите ќе купиме амбулантни возила за клиниките“, рече Заев.
Во јуни 2019 година медиумите објавија: „Владата купува гуми за блиндираниот мерцедес. Оној што не го користи.
Cлyжбaтa за општи и заеднички paботи при Владата на Македонија склучи договор со „Мак Ауто Стар“ за набавка на пневматици за мерцедесот во вредност од 3.296.857 денари, или 53.000 евра“.
Повеќе од ова не е потребен коментар, бидејќи сега сме февруари 2020 година.
Само ќе кажеме – „мерцедес“ си е „мерцедес“, а се’ останато се автомобили. И лагата си е лага. Моралот е за рајата, не за премиери и функционери.
Порано СДСМ ја имаа „Фабрика“, сега тие како партија на власт се директна „Фабрика“ за ширење на лажни вести и замајување на народот.